TУРИСТКА НА ЗАКИНТОС КАСНАТА ОД РИБАТА ЗАЈАК Британката завршила во приватна клиника

Британска туристка завршила во болница откако била касната од инвазивната „риба-зајак“ додека пливала кај Каламаки на грчкиот остров Закинтос. Видот сè почесто се среќава во грчките води, а поради неговите остри заби и токсичноста на месото, Грчкиот Црвен крст веќе издал предупредување.

9

Одмор на Закинтос завршил во приватна клиника за британска туристка која била касната додека пливала во морето кај Каламаки. Се верува дека ја нападнала таканаречената „риба-зајак“, инвазивен вид риба што се шири низ Средоземното Море.

Рибата има исклучително силни и остри заби, поради што може да нанесе сериозни повреди. Британските медиуми пишуваат дека нејзиниот загриз може да оштети дури и коска, дрво и метал.






Рибата зајак вообичаено живее во потоплите води, а во Средоземното Море се проширила преку Суецкиот Канал од Црвеното Море. Научниците нејзиното ширење го поврзуваат со затоплувањето на морската вода и промените во соленоста.

 

Видот веќе е забележан во повеќе делови на Грција, а опасноста не е само во неговиот загриз. Месото и внатрешните органи содржат тетродотоксин, силен невротоксин кој при внесување во организмот може да предизвика тешко труење.

Грчкиот Црвен крст издал предупредување поради ширењето на рибата, а на одредени места биле поставени и заштитни бариери за да се спречи нејзиното приближување до капачите.

Сличен случај бил регистриран во јуни во Варкиза, во близина на Атина. Постара Гркинка тогаш била нападната од една од овие риби, а повредата била толку сериозна што раната морала да биде сошиена.

По каснување, раната треба веднаш да се измие со сапун и вода, да се притисне со чиста газа или крпа и да се побара медицинска помош.

Грчката влада ова лето воведе парични награди за рибарите кои ќе ја уловат рибата зајак. Овој вид е закана и за морската флора и фауна.

Поврзани содржини