„МОЖЕ ДА СМЕНИМЕ ВЛАДА ВО КОЈА БИЛО ЗЕМЈА“ Амбасадорката на САД ги скандализирала Грците

Кимберли Гилфојл, поранешна свршеница на Доналд Трамп Јуниор, а сега амбасадорка во Атина, ова го рекла на приватна вечера со грчки политичари, предизвикувајќи остри реакции кај нив.

2

Наводна изјава на американската амбасадорка во Грција, Кимберли Гилфојл, предизвика сериозни политички реакции во грчката јавност и пошироко, откако  протекоа информации за нејзин приватен разговор. Според наводите објавени од американскиот весник „Волстрит џурнал“, амбасадорката за време на вечера во Атина порачала дека „САД имаат моќ да сменат влада во која било земја“.

Овој настан се случил во март, при дебата за политичката криза и падот на тогашната влада во Романија. Присутни на вечерата, како и други упатени извори на кои се повикува весникот, тврдат дека дипломатката испратила директна порака за капацитетите на Вашингтон.






– Можеме да го направиме тоа во која било земја што сакаме. Можеме да го направиме тоа и тука – рекла Гилфојл, според кажувањето на присутни на вечерата.

Ваквиот став веднаш наишол на остар одговор од грчкиот министер за животна средина и енергетика, Ставрос Папаставру, кој присуствувал на настанот. Тој ладнокрвно возвратил дека американските власти немаат моќ да ја менуваат грчката влада, бидејќи таа е легитимно избрана исклучиво од волјата на грчките гласачи.

Амбасадорката на САД и нејзиниот правен застапник категорично го оспорија ваквиот опис на настаните и посочија дека разговорот не соодветствува со реалноста. Сепак, случајот отвори сериозни дилеми околу почитувањето на суверенитетот на сојузничките земји и начинот на кој се води дипломатскиот дијалог зад затворени врати.

Гилфојл веќе подолго време има забележителна улога во регионот, каде што агресивно ги застапува американските економски и енергетски интереси. Главен фокус на тие активности е ширењето на извозот на американскиот течен природен гас (LNG) кон Балканот, што според грчките аналитичари преминува од трговско во првокласно безбедносно прашање.

Кимберли Гилфојл е поранешна свршеница на Доналд Трамп Џуниор, најстариот син на американскиот претседател Доналд Трамп. Двајцата почнаа да се забавуваат во 2018 година, а се свршија во 2020 година. Гилфојл, поранешна обвинителка и водителка на „Фокс њуз“, во истиот период стана активна поддржувачка на Трамп и работеше во неговата политичка кампања. Трамп ја нарече „близок пријател и сојузник“ кога во декември 2024 година ја номинираше за амбасадорка во Грција. Таа функцијата ја презеде во ноември 2025 година.

 

Поврзани содржини