НЕЗАПАМЕТЕН СКАНДАЛ НА СВАДБА ВО ЈАГОДИНА Поранешниот дечко плачел, кршел чаши и го извикувал името на невестата
Поранешниот дечко на невестата дошол како придружба на роднина на младоженецот, а вечерта завршила со кршење чаши, плачење и прекин на музиката.
Свадбената веселба во еден ресторан во Јагодина била прекината на крајно шокантен начин, откако меѓу гостите ненадејно се појавил поранешниот дечко на невестата.
Младиот човек на свадбата всушност дошол како придружба на роднина на младоженецот, кој воопшто не знаел за неговата мината врска со невестата.
Кога добил покана, тој ја сфатил како последна можност повторно да ја види.
– Тие беа во долгогодишна врска и сите во градот знаат дека тој никогаш вистински не ја преболел. Кога влезе во салата, на почетокот сè изгледаше мирно. Седеше во еден агол, беше речиси незабележлив и се држеше настрана. Меѓутоа, како што ракијата почна да се пие во големи количини, така и потиснатите чувства излегоа на површина. За еден час испи буквално цело шише жесток алкохол – открива за српски Курир еден од гостите кој присуствувал на скандалот во Јагодина.
Кога бендот почнал да свири тешки народни песни, а младенците излегле на подиумот, поранешното момче целосно ја изгубило контролата.
– Најпрво почна гласно да дофрла од местото каде што седеше, а потоа стана, се приближи до подиумот и пред сите гости почна да крши чаши и да го извикува нејзиното име! Сите занемеа – додава соговорникот.
Додека роднините на младоженецот веднаш скокнале да го изнесат надвор за да не дојде до општа тепачка, во салата настанала тишина, а дел од гостите со сожалување ја набљудувале сцената.
– Младоженецот збесна и сакаше физички да се пресмета со него, но кумот и постарите сватови го задржаа. Невестата само пребледе и побегна во тоалетот со другарките. Сите коментираа дека момчето воопшто не било агресивно во смисла дека сакало некого да тепа, туку дека тоа бил чист очај и тага! Човекот се распадна пред 200 луѓе затоа што не можеше да поднесе да ја види во венчаница – наведува изворот.
На крајот, музиката престанала да свири околу дваесет минути, сè додека обезбедувањето и пријателите на младиот човек не успеале да го изнесат пред ресторанот.
Таму, според сведоците, тој продолжил да плаче лежејќи врз хаубата на автомобилот.
Според гостите, свадбената веселба потоа продолжила, но Јагодина и понатаму зборува за овој несекојдневен љубовен скандал кој го одбележал свадбениот ден.