„ЗЛАТНА КАМЕРА 300“ ЗА ПОЛСКИОТ КИНЕМАТОГРАФЕР ЛУКАС ЖАЛ Фестивалот „Браќа Манаки“ го прогласи лауреатот
Светски познатиот кинематографер од Полска Лукас Жал е годинaшен добитник на златна „Камера 300“, највисоко признание што го доделува ИФФК „Браќа Манаки“.
Лукас Жал е кинематографер во филмот „Татковина“, копродукциски полско-италијански, германски и француски филм, кој се фокусира на односот меѓу писателот и добитник на Нобеловата награда Томас Ман и неговата ќерка Ерика, актерка, писателка и возачка на рели кои во 1949 година во екот на Студената војна тргнуваат на предизвикувачко патување низ разурнатата Германија.
Во видео обраќање, годинешниот лауреат се заблагодари на жирито предводено од оскаровецот Воли Фостер, своето отсуство го образложи со професионални ангажмани, најави скорешна посета на Битола и честиташе на останатите добитници, односно на кинематограферот Жонџијанг Лианг од Кина кој доби сребрена „Камера 300“ и на данскиот кинематографер Паул Шпенгеман кој доби бронзена „Камера 300“.
Спред востановената традиција на ИФФК „Браќа Манаки“ вечерва во Битола се доделија железна „Камера 300“ која им припадна на кинематограферите Максим Катари за филмот „Магарешка убавина“ и на Бенџамин Ечазарета за филмот „Кракатоа“, а со фестивалско одличје се стекнаа и Хулијам Амару кинематографер во филмот „Таму на небото“ кој доби мала „Камера 300“ и Милда Јоудвалките од Литванија која доби кристална „Камера 300“ за камерата во филмот „Покрај ридот на Наполеоновиот шешир“.
Директорот на ИФФК „Браќа Манаки“ Димитрија Доксевски упати јавна благодарност до тимот и до сите што го помогнаа фестивалот и потсети дека годинешното издание беше со рекордна понуда.
– Имавме одлична конкуренција, квалитетни филмови, имавме публика, а меѓу нив најмладите, децата кои треба да ги учиме да го сакаат филмот, да ја сакаат кинематографијата. Имавме рекорден број на мастер класови и работилници со кинематографери и автори од филмската индустрија со кои можевме да разговараме со часови во само седум дена и јас сум горд на тоа – рече Доксевски.