МОЏТАБА Е ЖИВ И ЗДРАВ?! Претседателот на Иран тврди дека се сретнал со исчезнатиот ајатолах

Масуд Пезешкијан вели дека пред околу еден месец минал седум часа лице в лице со врховниот лидер на Иран. Моџтаба Хамнеи со месеци не се појавува во јавноста, што отвори шпекулации за неговата здравствена состојба.

132

Моџтаба Хамнеи е жив, здрав и сè уште ги дава клучните насоки за управувањето со Иран, тврди претседателот Масуд Пезешкијан. Тој во интервју за Фокс њуз откри дека лично се сретнал со ајатолахот пред околу еден до месец и половина и дека разговорот траел седум часа.

– Не се сеќавам точно на датумот. Пред околу еден месец, месец и половина. Се сретнавме околу 7 часа. Разговаравме лице в лице – рече Пезешкијан.






На директното прашање дали Хамнеи е здрав и способен да управува со земјата, иранскиот претседател одговори потврдно. Според него, владата ги спроведува политиките, но консултациите и насоките и натаму доаѓаат од врховниот лидер.

Фото: Принтскрин

Токму отсуството на 56-годишниот Хамнеи ја прави изјавата на Пезешкијан значајна. Тој не се појавува јавно откако го наследи својот татко Али Хамнеи, кој беше убиен во американско-израелските напади врз Иран на 28 февруари. Извештаи наведуваат дека и Моџтаба бил повреден во нападите, но информациите за тежината на повредите се разликуваат.

Неговото долго отсуство поттикна шпекулации за здравствената состојба и за тоа колкава контрола навистина има врз државата. Иранските власти неговото непојавување го објаснуваат со безбедносни причини и опасноста од нов напад.

Пезешкијан го повтори истото објаснување. Тој рече дека небезбедноста создадена од постапките на странските сили е причината поради која Хамнеи останува далеку од јавноста.

Во интервјуто Пезешкијан зборуваше за можното мировно решение со САД. Тој вели дека одлуката за ставање крај на војната е во рацете на САД, бидејќи Техеран не сака да продолжи со борбите.

– Кога можеме да ги решаваме проблемите преку дијалог, не треба да прибегнуваме кон меѓусебно убивање. Но, со поттикнување од Израел, тие ни ја наметнаа оваа војна – рече тој во изјава преведена од телевизискиот канал.

Истовремено, шефот на дипломатијата на Иран Абас Арагчи во Генералното собрание на Обединетите Нации изјави дека Иран им предложил на САД седумдневен план за повторно отворање на Ормускиот Теснец.

Според планот Теснецот би била отворен на седмиот ден доколку бидат исполнети одредени услови.

Поврзани содржини