ПРСКАЊЕТО ПРОТИВ КОМАРЦИ ОД ВОЗДУХ ЌЕ СЕ НАПУШТИ ЗА 3 ДО 5 ГОДИНИ Ќе се применат добри искуства од Грција во борбата против западнонилската треска
Четврти ден нема нови случаи со западнонилска треска, во моментот има 12 хоспитализирани пациенти на Инфективната клиника од кои тројца се на интензивна нега и на кислородна поддршка.
Од 19 септември нема нови случаи на хоспитализација со западнонилска треска на Клиниката за инфективни болести. Значи, четврти ден нема нови случаи. Во моментот има 12 хоспитализирани пациенти на Клиниката. Од нив, тројца се на интензивна нега и на кислородна поддршка, меѓу кои е и пациент кој одамна е хоспитализиран и неизвесна е неговата здравствена состојба, изјави денеска министерот за здравство Сашо Клековски.
Тој посочи дека, без или со епидемија, властите ги преземаат истите мерки, истиот сет активности, кои продолжуваат и натаму, и се врши дезинсекција во местото на живеење на пациентите кај кои е потврден вирусот изминатата недела. Во меѓувреме заврши последното прскање во Скопје и веројатно кога ќе се сумираaт резултатите, ќе ги презентираат пред јавноста бидејќи Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) направил уште една вонредна контрола на територијата на цела Македонија во врска со прскањето.
– Ќе ги сумираме тие резултати. Многу е тешко да се предвиди бидејќи периодот на инкубација е од два до 14 дена. Имаме општини во кои воопшто не е прскано и нема ниеден случај. Општините што се во Повардарието треба да бидат попретпазливи. Има општини кои се меѓу трите во кои има најмногу прскања и има случаи на западнонилска треска. Веројатно, треба да ги споредиме искуствата од дома и во Грција и да видиме што прават тие подобро. Во еден разумен период од три до пет години треба да го напуштиме аеропрскањето и да преминеме комплетно на прскање од земја. Периодот е неопходен бидејќи треба да се подготви механизацијата за тој тип на работа. Има уште неколку искуства од Грција, кои се добри да се применат. Работиме на нив со Центарот за јавно здравје и со Институтот за јавно здравје – рече Клековски.
Тој истакна дека ќе треба да се засилат и одредени казнени мерки за општините што не постапуваат по елаборатите што им се одобрени од страна на центрите за јавно здравје.