ЖАК ХОУДЕК СИМНАЛ 30 КИЛОГРАМИ, А СЕГА РАЗМИСЛУВА ЗА ОЗЕМПИК Пејачот е загрижен за своето здравје и отворено зборува за борбата со дебелината

Хрватскиот пејач Жак Хоудек откри дека ослабел 30 килограми, но признава дека и понатаму се грижи поради телесната тежина со оглед на тоа што веќе има 45 години.

0

Хрватскиот пејач Жак Хоудек отворено проговори за долгогодишната борба со вишокот килограми и призна дека на 45 години сè повеќе почнува да се грижи за своето здравје.

Гостувајќи во емисијата „Шоу на квадрат“ на „Вечерњи лист“, пејачот откри дека успеал да ослабе 30 килограми, но дека и понатаму има проблем со телесната тежина.






– Кога некој ќе ме погледне, веројатно мисли дека живеам на брза храна, што баш и не е така. Таков сум целиот живот. Секако, постои и генетска предиспозиција, но има и нешто добро, а тоа е што немам здравствени проблеми. Ги имам само тие луди килограми од кои треба да се ослободам. Веќе малку ме фаќа страв бидејќи имам 45 години, не ми е сеедно – вели Хоудек.

Уредните наоди не ја намалуваат неговата загриженост

Пејачот неодамна направил детални здравствени прегледи, а резултатите, како што самиот открива, покажале дека нема покачен шеќер ниту холестерол. Тоа го изненадило пријатно, но уредните наоди сепак не го ослободиле од загриженоста поради телесната тежина.

– Тоа е мојата среќа во несреќа. Дали тоа ме смирува? Не многу, само малку. Свесен сум дека морам да се ослободам од тој товар – вели тој.

Во разговорот се осврна и на популарните лекови за слабеење, како Оземпик и Мунџаро, и вели дека разговарал за нив со својот лекар.

Тој додава дека со вишокот килограми се бори со години, а темата повеќепати ја коментирал и јавно. За него, проблемот не е само прашање на изглед, туку и на здравје, навики и начинот на кој општеството гледа на луѓето со прекумерна телесна тежина.

Коментари за изгледот

Уште на почетокот на кариерата се соочувал со коментари поврзани со изгледот. Во едно интервју се присетил дека поради килограмите доживувал непријатности во музичките кругови и дека некои луѓе не биле сигурни дали треба да му дадат шанса за првиот договор. Поддршка тогаш му дал композиторот Ѓорѓе Новковиќ, кој сметал дека токму неговата посебност го издвојува од другите.

Хоудек повеќепати зборувал дека се обидувал да ослабе, но дека килограмите низ годините повторно му се враќале. Рекол дека во различни периоди од животот успевал да воспостави дисциплина и контрола, но дека резултатите не биле трајни.

Во 2009 година најавил дека ќе побара лекарска помош поради проблемите со килограмите. Тогаш зборувал дека не станува збор секогаш само за прејадување, туку и за можни генетски фактори. Претходно се подложил и на неоперативна процедура за поставување желудочен балон, но проблемот со килограмите не бил долгорочно решен.

Често се шегува и на своја сметка.

Инсулинска резистенција

Во 2020 година зборуваше и за инсулинската резистенција, за која рече дека дополнително му го отежнува слабеењето. Тогаш истакна дека лесно добива килограми, а тешко ги губи и дека на тоа влијаеле генетиката, здравствените фактори и темпото на живот поради кариерата, која вклучува многу патувања и нередовен распоред.

Големо внимание предизвикала и неговата објава од 2020 година во која зборуваше за односот на општеството кон луѓето со вишок килограми. Хоудек тогаш нагласи дека луѓето често носат пребрзи заклучоци за туѓото здравје и животните навики само врз основа на изгледот.

Во своите јавни настапи истакнува дека вишокот килограми не треба да биде причина човек да се откаже од своите цели. Зборуваше и дека не сакал да се повлече од сцената ниту да престане да ги остварува своите соништа поради изгледот.

„Килограмите ми се притисок секој ден“

Во едно интервју за „Story“ повторно ја отвори оваа тема. Рече дека шегите на сметка на неговата тежина сами по себе не му пречат, но дека килограмите му пречат секој ден.

– Тоа е една доживотна борба која никогаш нема да престане – рече Хоудек, споредувајќи го проблемот со зависност од храна, нагласувајќи дека смета оти врз неговата конституција влијаат и исхраната и генетиката.

Додал дека денес е здрав, но свесен дека има вишок килограми што сака да го реши.

– Килограмите секогаш ми се еден притисок, една реалност, еден крст што го носам бидејќи морам да го носам – вели тој.

 

Во разговорот тој спомена и дека размислува за Оземпик, лек чија активна состојка е семаглутид. Лекот првенствено се користи за лекување на дијабетес тип 2, а семаглутидот влијае на апетитот и чувството на ситост. Неговата употреба за слабеење треба да биде под лекарски надзор.

Тема за него останува и фактот дека, и покрај тоа што актуелните резултати од прегледите се добри, годините и долгогодишната борба со килограмите го тераат посериозно да размислува за своето здравје.

Поврзани содржини