НА БЛАЦЕ УАПСЕН ПОРАНЕШЕН ПРИПАДНИК НА ОВК По кратко испрашување бил пуштен
Србија тврди дека по Пушкољи, кој е сопственик на косовски медиум, била распишана меѓународна потерница, но засега нема потврда за тоа од македонската полиција.
Фадиљ Пушкољи, припадник на поранешната ОВК, синоќа беше уапсен на граничниот премин Блаце, врз основа на српска потерница, објави Танјуг.
Пушкољи, кој е сопственик на косовскиот медиум „Косова пост“, на својот профил на Фејсбук објави дека е уапсен и побара помош од косовските власти. Според него, тој е уапсен „поради неговото членство во ОВК“. Подоцна вечерта тој напиша дека, откако полицијата извршила со него разговор и испрашување, бил пуштен.
Пушколи во вечерашната објава ѝ се заблагодарува на македонската полиција и посебно на Албанците во нејзините редови.
„По разговорот и испрашувањето, бев ослободен од полицијата на Северна Македонија. Сакам да ѝ се заблагодарам на полицијата на Северна Македонија, особено на полицајците Албанци, за коректноста, почитта и доброто однесување во текот на целата постапка. Ви благодарам за коректноста и професионалноста!“, напиша тој.
Официјално нема достапни информации кои би потврдиле дека Пушколи е баран од Србија, како што првично беше објавено. Македонските институции досега не соопштија ништо за вечерашното приведување на косовскиот сопственик на медиум.