ГО ОСТАВИЛ СИНОТ НА ПРОЗОРЕЦ, НЕ ЗАБЕЛЕЖАЛ ЕДЕН КОБЕН ДЕТАЛ Првиот ден од одморот на Кипар завршил трагично
Таткото тврди дека не забележал оти прозорецот на четвртиот кат бил отворен, а момчето паднало околу 10 метри. Десет недели по трагедијата, обвинителството одбило да ја запре постапката од хуманитарни причини.
Семејството само што пристигнало на Кипар кога нивниот одмор се претворил во трагедија. Таткото го ставил двегодишниот син на прозорец на четвртиот кат од хотелот, но, како што тврди, не забележал дека е отворен – момчето паднало наназад и починало од повредите.
Британецот сега треба да одговара пред суд за смртта на сопствениот син. Трагедијата се случила на 12 јули, на првиот ден од семејниот одмор на Кипар.
Момчето било со таткото во ходникот на четвртиот кат од хотелот „Кинг Евелтон“, на брегот на Хлоракас. Семејството требало да се симне со лифт кога таткото го ставил детето на прозорецот.
Тој тврди дека не забележал дека прозорецот е отворен.
10 недели подоцна oтишол пред суд
37-годишниот татко чиј идентитет првично не бил објавен, бил обвинет за предизвикување смрт со „небрежни, неодговорни или опасни дејствија“.
Неговата одбрана побарала постапката да биде запрена од хуманитарни причини. Државниот обвинител Џорџ Савидес го одбил барањето.
– Мојот клиент е очигледно разочаран. Тој не е во добра состојба – рече неговиот адвокат Александрос Александру.
Семејството, според одбраната, сè уште се обидува да се справи со загубата.
– Веруваме дека во овие исклучителни околности продолжувањето на кривичната постапка не е во јавен интерес – рече Александру.
Обвинителството, пак, изразило сочувство за загубата на таткото, но оценило дека постапката треба да продолжи поради јавниот интерес.
Се вратил од погребот на синот
По трагедијата таткото бил официјално обвинет, а за да може да отпатува во Велика Британија на погребот на синот морал да обезбеди кауција.
Потоа бил должен да се врати на Кипар и да го предаде пасошот. Во спротивно, можел да се соочи со постапка за екстрадиција.
Доколку биде прогласен за виновен, му се закануваат до четири години затвор.
Случајот истовремено отвори прашања за околностите во хотелот. Дел од критичарите на Кипар прашуваат зошто прозорец на четвртиот кат бил отворен и дали постоеле доволни безбедносни мерки.
– Зачудувачки е што толку многу се нагласува таткото како криминалец, а толку малку се зборува за околностите во кои момчето починало – изјавил дипломат во Никозија, цитиран во британските медиуми.
И адвокатот за човекови права Ахилеас Деметријадес ја критикувал постапката, оценувајќи дека случајот повторно го отвора прашањето за големите овластувања на кипарскиот државен обвинител.