📽️ СТИХОВИ НА АЦО ШОПОВ ПО ДРАМАТА ВО „ЈАНЕ САНДАНСКИ“ Вардар им возврати на навивачите
„Црвено-црните“ загубија со само еден гол разлика, но вечерта не заврши со резултатот 32–33. Вардар објави видео од трибините, а благодарноста кон навивачите ја претвори во поетска порака со „Долго доаѓање на огнот“.
Наместо обична порака по натпреварот со Нант, Вардар со поезијата на еден од великаните на македонската книжевност им се заблагодари на навивачите во салата „Јане Сандански“.
Нант славеше со минимални 33–32 во меч во кој победникот се решаваше до последните секунди. Францускиот тим имаше само еден гол предност и на полувремето, кога резултатот беше 16–15.
Трибините, сепак, ја дадоа другата слика од вечерта. „Јане Сандански“ беше исполнета, а навивачите го туркаа Вардар во обидот да стигне до првата домашна победа во новата сезона од Лигата на шампионите.
По последната сирена клубот објави видео со атмосферата од салата. За пораката до публиката Вардар посегна по песната „Долго доаѓање на огнот“ од Ацо Шопов, поврзувајќи ги стиховите со вечерта во која „црвено-црните“ останаа на еден гол од Нант.