ВЕНКО ФИЛИПЧЕ ЈАВНО ГИ НАВРЕДИ СВОИТЕ СТУДЕНТИ „Ништо не знаат, а тие утре ќе нè лечат“
„Токму со ова Филипче потврди дека тој како професор нема знаење за материјата што ја предава па затоа и студентите не можат да научат ништо од него“ – реагираше ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на СДСМ Венко Филипче во гостување во емисијата ,,Само интервју” на Канал 5 ги обвини студентите на кои самиот им предава дека „не знаат ништо“.
Ваквата оцена за студентите на медицинскиот факултет, на кои им држел испит, Филипче ја базира на испит кој го држел во средината на август.
– Децата се неписмени на ПИСА-тестовите. Не се споредуваат нашите деца со децата од регионот. Пред месец дена имав испит, катастрофално е знаењето на факултетите. Катастрофално е. Тие луѓе утре треба да нè лечат – рече Филипче.
Филипче е вонреден професор на катедрата по хирургија на Медицинскиот факултет. ПИСА-тестовите, кои ги спомна Филипче, се однесуваат на ученици од основните и средните училишта, а не на студентите.
На овие изјави на Филипче реагираше ВМРО-ДПМНЕ со соопштение:
„Чиракот на Заев, Венко Филипче на синоќешното гостување во „Само интервју“ на Канал 5, сакајќи да го омаловажи образованието во државата и да посочи дека нашите студенти се многу послаби од странските – призна дека неговите ученици, патем идни лекари, имаат катастрофално знаење.
Токму со ова Филипче потврди една теза, а тоа е дека тој како професор нема знаење за материјата што ја предава па затоа и студентите не можат да научат ништо од него.
Се надеваме дека со новите измени во Законот за високо образование, Филипче ќе го зачува статусот на професор, бидејќи нè загрижува професор на медицински факултет да има страв неговите колеги утре да нѐ лекуваат, а притоа знаењето Венко Филипче не е способен да им го пренесе – од кои причини не знаеме.
За разлика од него, професорот Мицкоски има добивано награди за најомилен професор меѓу студентите и еден од најпочитуваните во својата професија“ – се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.