НОВА ТУЖБА ГО ОТВОРА МРАЧНИОТ АРХИВ НА ЕПСТИН Илјадници снимки од деца излегуваат на виделина

Две жени тврдат дека Џефри Епстин поседувал материјали од нивна сексуална злоупотреба додека биле деца. Со тужбата се бара судски надгледуван процес за идентификација и известување на жртвите, од кои некои можеби ни денес не знаат дека нивни снимки постојат.

127

Нова колективна тужба против оставината на Џефри Епстин отвора уште една мрачна страна од неговото наследство – огромната збирка фотографии и видеоснимки со материјали од сексуална злоупотреба на деца пронајдени во неговите имоти.

Две жени тврдат дека и самите се меѓу децата прикажани во материјалите што ги поседувал Епстин. Тужбата, поднесена пред федерален суд во Менхетн, бара најмалку 6 милиони долари за повеќе од 40 лица, но адвокатите велат дека бројот на потенцијални жртви би можел да биде многу поголем.






Едната имала само 12 години

Едната тужителка, наведена како Џејн Доу, тврди дека Епстин дошол до нејзини делумно разголени фотографии кога имала околу 12 години. Втората, идентификувана со псевдонимот Ејми, тврди дека се наоѓа на материјали запленети од имотите на Епстин во 2019 година и дека тие снимки и денес се разменуваат.

Тужбата е насочена против поранешниот адвокат на Епстин, Дарен Индајк, и неговиот поранешен сметководител Ричард Кан, како коизвршители на оставината. Индајк и Кан претходно негираа дека знаеле за криминалните активности на Епстин. Во оваа постапка адвокат на Индајк одбил коментар, додека претставник на Кан не одговорил веднаш на барањето за изјава.

Според наводите во тужбата, во имотите на Епстин биле пронајдени илјадници фотографии и видеа, меѓу кои и неговата таканаречена „книга на модели“ со сексуализирани фотографии на деца.

„Многумина можеби ни не знаат“

Но, новата постапка не бара само отштета. Тужителките сакаат да биде воспоставен судски надгледуван механизам преку кој ќе се идентификуваат луѓето прикажани во збирката и тие ќе бидат известени дека нивни фотографии или снимки биле во посед на Епстин.

Адвокатката Хилари Напи, која ги застапува тужителките, вели дека постапката потенцијално би можела да опфати илјадници лица. Според неа, повеќето луѓе прикажани во материјалите никогаш не биле идентификувани.

Тужителките бараат оставината и американските власти да соработуваат со Националниот центар за исчезнати и експлоатирани деца за идентификација и известување на жртвите. За секој член на групната тужба се бараат по 150.000 долари, покрај други можни парични казни.

Правната битка продолжува и по неговата смрт

Епштајн во 2008 година беше осуден за кривично дело поврзано со сексуално искористување малолетничка, а во 2019 година повторно беше обвинет за трговија со малолетнички за сексуална експлоатација. Почина во затвор во Њујорк пред судењето, а неговата смрт официјално беше прогласена за самоубиство. Тој никогаш не беше кривично гонет за создавање, набавување или дистрибуирање на материјалите што сега се во центарот на новата тужба.

Ова не е првата голема постапка против неговата оставина. Во февруари годинава беше договорена спогодба од 25 до 35 милиони долари во друга колективна тужба против Индајк и Кан, без нивно признавање вина. Претходниот фонд за обесштетување на жртвите на Епстин исплатил 121 милион долари.

Новата тужба, сепак, отвора поинакво прашање: колку лица биле деца кога биле фотографирани или снимени, а никогаш не дознале дека тие материјали завршиле во збирката на Епстин.

Поврзани содржини