СТРАТЕГИЈАТА ЗА ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ЌЕ БИДЕ ГОТОВА ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАТА Националниот дата центар ќе се гради во Бунарџик

Една од активностите на стратегијата ќе биде донесување закон за употреба на вештачката интелигенција, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

58

До крајот на годината ќе биде донесена националната стратегија за вештачка интелигенција, најави денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Андоновски најави дека утре во Министерството за дигитална трансформација ќе се одржи состанок на работната група по што драфт-верзијата на стратегијата ќе биде ставена на ЕНЕР и ќе бидат организирани неколку јавни дебати.






– Очекувам дека до крајот на годината ќе ја донесеме. Една од активностите на стратегијата размислуваме да биде донесување закон за употреба на вештачката интелигенција. Значи, не регулирање на производството или на создавањето вештачка интелигенција, туку повеќе кон правилното етичко и принципиелно користење на вештачката интелигенција – рече министерот Андоновски.

Во врска со изградбата на националниот дата центар, Андоновски рече дека веќе се во тек разговори со потенцијални финансиери на проектот, а во Министерството за транспорт се разговара за утврдување на потребната процедура за употреба на локацијата кај Бунарџик.

– Локацијата ќе биде во близина на Скопје, веднаш до една од индустриските развојни зони. Тоа е државно земјиште што не се употребува за земјоделство или за нешто друго, така што овој простор ќе го искористиме. Во близина веќе се изградени фотонапонски централи. Планираме и ние во втора фаза, покрај дата-центарот, да изградиме и фотонапонска централа, со која 30 до 40 проценти од потрошувачката на електрична енергија ќе се искористи за центарот за податоци  – изјави Андоновски.

Поврзани содржини