38-ГОДИШНАТА М.И.Б ОД СКОПЈЕ Е ЖЕНАТА ШТО ФРЛИ ЃУБРЕ ВО ЛЕПЕНЕЦ ОД МОСТ Полицијата ѝ напиша две казни
Во Полициската станица од општа надлежност Карпош е повикана М.И.Б.(38) од Скопје, во врска со претходно објавени видеоснимки на социјалните мрежи на кои се гледа како непознато женско лице фрла отпадоци во реката Лепенец, соопшти полицијата.
Скопската полиција ја откри и ја казни жената која денеска беше снимена како фрла ѓубре од мост директно во Лепенец, на местото кај устието во Вардар.
„Денеска (17.9.2026) во 11:45 часот во Полициската станица од општа надлежност Карпош е повикана М.И.Б.(38) од Скопје, во врска со претходно објавени видеоснимки на социјалните мрежи на кои се гледа како непознато женско лице со патничко моторно возило „порше“, на улица Скупи, кај мостот на реката Лепенец, фрла отпадоци во реката. По преземените мерки и активности, утврден е идентитетот на лицето, кое е повикано во полициската станица и со него е извршен службен разговор“, соопшти полицијата.
Скопјанката М.И.Б. ќе треба да плати две казни.
„По документирање на случајот, на лицето му е изготвен платен налог согласно член 14 став 1 од Законот за јавна чистота, поради фрлање амбалажа надвор од места определени за таа намена, како и записник со платен налог согласно член 63 став 6 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, поради непрописно паркирано патничко моторно возило на коловозна лента“, соопшти скопската полиција.