ПОЛСКА ЈА ПОВИКА УКРАИНА ДА НАПАЃА УШТЕ РУСКИ РАФИНЕРИИ Трамп му рече на Зеленски да не го прават тоа
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски за време на викенд-посетата на Киев. ја повика Украина да напаѓа руски нафтени рафинерии, за да се изврши стратешки притисок врз руската економија и Русија да биде лишена од воени ресурси.
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски, ја повика Украина да напаѓа руски нафтени рафинерии со цел Русија да биде лишена од воени ресурси.
– Целта е да се изврши стратешки притисок врз руската економија, што е од клучно значење за да се стави крај на конфликтот – рече Сикорски за време на викенд-посетата на Киев.
Преговорите се еден од начините за ставање крај на оваа војна, рече шефот на полската дипломатија кој е и вицепремиер на Полска.
– Друг начин, сепак, е војната едноставно да стивне, бидејќи на рускиот претседател Владимир Путин ќе му недостигаат ресурси за да продолжи да ја води. За да се случи тоа, Украина треба главно да се насочи кон напади врз нафтени рафинерии – порача тој.
Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, упати остри критики кон Сикорски. Таа неговата изјава дека доколку Русија ја нападне Полска, ќе биде многу брзо поразена ја оцени како израз на мозочно заболување.
„Русофобија во мозокот“, напиша Захарова на својот канал на Телеграм.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, пак, го повика украинскиот колега Володимир Зеленски да нареди прекин на нападите врз руските дизел-инфраструктури.
За време на посетата на Ирска, Трамп изјави дека овие напади предизвикуваат недостиг на дизел.
На новинарско прашање дали разговарал со Зеленски по неговиот неодамнешен телефонски разговор со Путин, Трамп го повика Зеленски да ги прекине нападите врз рускиот дизел.
– Господинот Зеленски треба да направи една работа. Тој треба да запре со уништувањето на дизел-горивото во Русија. Нека напаѓа цели, но не и дизел-горивото, бидејќи така предизвикува недостиг на дизел-гориво – додаде тој.
Трамп рече дека разговарал со Зеленски за ова прашање и дека има многу други цели кои Украина може да ги гаѓа.
Украинските напади на Русија со месеци се насочени кон руската нафтена и гасна индустрија. Киев наведува дека токму овој сектор ја финансира, а и директно ја поддржува инвазијата на Москва во соседната држава, која трае повеќе од 4 години.
Украинската воена кампања со дронови доведе до рестрикции на горивото во различни делови на Русија.
Русија исто така ја засили својата воздушна кампања против Украина изминатите недели, користејќи балистички ракети и дронови со млазни мотори. Нападите на Москва се насочени и кон украинската електроенергетска мрежа пред зимата, што според претставници на украинските власти има за цел да го деморализира цивилното население.