МАКЕДОНСКИ СТУДЕНТИ ОД МАШИНСКИ ГО ПРЕТСТАВИЈА СВОЈОТ НОВ БОЛИД MES RАCING Ќе ја претставуваат Македонија на меѓународни натпревари
На проектот работеа студенти од различни области, кои низ практична работа ги применуваат своите знаења од инженерството, машинството, електротехниката и други дисциплини.
Македонскиот Formula Student тим, составен од млади инженери и студенти, денеска во амфитеатарот на Машинскиот факултет во Скопје го претстави својот нов болид на MES Racing, на чиј развој посветено работеа во текот на изминатата година, информира Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.
На настанот, на кој присуствуваше и министерката Сања Божиновска, тимот ги претстави резултатите од изминатата сезона, процесот на работа и новиот болид, по што следуваше и негово демонстративно возење.
MES Racing е првиот и единствен македонски Formula Student тим, а преку своето учество на меѓународни натпревари ги претставува Македонија, македонското студентско инженерство и потенцијалот на младите инженери.
Особено значење има фактот што на проектот работат студенти од различни области, кои низ практична работа ги применуваат своите знаења од инженерството, машинството, електротехниката и други дисциплини, функционирајќи како вистински инженерски тим.
За министерката Божиновска, ваквите проекти се најдобар пример дека Македонија има млади луѓе со знаење, амбиција и капацитет да создаваат сложени инженерски решенија и да се натпреваруваат на меѓународната сцена.
– Како институции мораме да бидеме поддршка за младите кои создаваат. Нашата задача е да им помогнеме нивното знаење и идеи да добијат можност да се развиваат и да станат дел од реалниот индустриски и економски развој. Не смееме да дозволиме талентот да остане само потенцијал – треба да создадеме услови тој да се претвори во резултат – рече министерката Божиновска.
По презентацијата, министерката Божиновска доби благодарница од тимот MES Racing за досегашната поддршка од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.