ГРАЃАНИТЕ ГИ ПЛАЌААТ СМЕТКИТЕ НА ПОЛИТИКИТЕ НА ЗАЕВ И НА КОВАЧЕВСКИ, А ТИЕ СЕ ВОЗАТ СО ЈАХТИ Мицкоски даде оценка на тоа како се справувале владите на СДСМ со кризите
Премиерот е разочаран од сегашниот состав на СДСМ, бидејќи како што вели „наместо соочување со одговорноста тие продолжуваат да ги бранат и промовираат тие политики“.
Сметките од работењата на претходните влади на Зоран Заев и Димитар Ковачевски и како тие се справуваа со кризата денес ги плаќаат граѓаните, и не дај Боже некогаш повеќе на Македонија да ѝ се повторат такви влади, изјави премиерот Христијан Мицкоски, прашан за коментар на изјавите на Венко Филипче за работењето на владите на Заев и Ковачевски.
Мицкоски рече дека мнозинството граѓани делат став дека не смее повторно да се дозволи такво владеење.
– Начинот на којшто тие се справуваа со предизвиците, денеска ги плаќаме сметките, додека тие уживаат во мелосот на ѕвезди музички од околината во скапи егзотични дестинации, се возат на скапи јахти. Ние ги плаќаме, односно вие, граѓаните ги плаќате сметките од тоа време како тие се справуваа со кризата – изјави Мицкоски.
Наместо соочување со одговорноста, според Мицкоски, тие продолжуваат да ги бранат и промовираат тие политики.
-Жалам што СДСМ повторно ја испушта можноста да се извини за сите оние погрешни, криминални, бандитски, анационални политики од тие две влади за коишто СДСМ денеска излегува во јавноста и ги брани, односно владата на господинот Заев и господинот Ковачевски. Наместо да се извини и да се повлече од сето тоа што го имаат направено, тие уште го промовираат тоа – изјави Мицкоски.
Мицкоски, исто така, изрази зачуденост, како можат „со тие пораки да ги погледнат граѓаните во очи после сето тоа што им го направија во тие седум години владеење“.