Изгубената битка на доблеста
Што сака да каже оваа недоблесна токсична македонска култура денес? Дека оние погоре спомнати веќе не се меѓу живите, па сега ќе ни подметнуваат шарлатански пиреј? Или токму политиката, со нејзиниот промискуитетен однос со секакви полуписмени шушумиги сместени во директорски фотелји, ни диктира „нова културна политика“ и бришење на старото?
Кустурица вели дека културата ќе победи во светот. Не можете да не му верувате на тоа вдахновено „ветување“ на еден проминентен интелектуалец, иако се чини далеку од реалноста. Барем во неговата земја. Но и кај нас, па, ако сакате, и во регионот. Бидејќи – ќе повторам – како што тврди Кингсли Дејвис, токму културата е единствениот вистински фактор што ја издвојува човечката заедница од сѐ друго на планетава. Ако таа култура е „длабоко својство што се разгранува низ целиот човечки живот и е одговорно за сите негови уникатни квалитети“, тогаш нејзиното отсуство во човечката комуникација е – негов најголем пораз!
Но Дејвис немал можност поблиску да ја запознае Македонија, особено не оваа денешна. Кустурица – да, а сепак е така безрезервно сигурен. Јас сепак би оставил трошка резерва за „победите“ на нашата култура. Таа кај нас веќе не е ни монета за поткусурување. Одамна не е ниту монета, иако сепак ја користат и за поткусурување.
Еден друг мислител, Роберт Луис Стивенсон, пред повеќе од еден век, во неговиот познат есеј „Pulvis et Umbra“, ја напишал извонредната мисла за изгубената битка на доблеста. И тој не знаел дека ја опишува (и) Македонија после речиси век и половина! Поточно, ги опишувал обичните луѓе во нивната битка да ја сочуваат доблеста и добрината во еден тежок, напнат и индиферентен свет. И Стивенсон, како и Кустурица, веројатно мислел дека чинењето добро е благородно дури и во грубо опкружување, дека културата е сепак таа неприкосновена доблест што не смееме да ја загубиме итн.
За жал, ние во предвечерието на 35-годишнината од независноста и потенцијалното „сведување“ на тоа релативно кусо минато и загубените и добиените битки со историјата и современоста, со индиферентноста на Европа но и со локалните тешки провинцијализми, ги загубивме двете главни битки: за доблеста и за културата. Што впрочем, повторно според Дејвис, е една битка – најголемата, најважната, најпрестижната. Луѓе без доблест и без култура тешко дека можат да се вбројат меѓу цивилизираните народи.
Не говорам за сите други изгубени битки и порази коишто веќе не ги ни спомнуваме небаре минатото не е важно, не треба да се навраќаме на него. Многу од тие битки можеби биле еднакво важни со онаа од насловот, ама ние, со нашата фамозна игнорантност, сакаме да ги маргинализираме како неважни, да не се потсетуваме на нив зашто некои актери веднаш се наоѓаат погодени и протестираат, на еден или на друг начин, лично или преку нивните медиумски колпортери. Погледнете го само сегашното „главно“ опозициско маало и неговите бесрамни обиди и понатаму да глуми центар на државата и да ги брише оние катастрофални нивни седум години, а за сите зла денес да ги обвинува другите. Не само за Кочани, Гостивар, Охрид, демографската хаварија во државата, распадот на образовниот и здравствениот систем…, туку и за сѐ што прво ќе ви падне „на памет“. Дури и за целосниот распад на системот и институциите во него, што повторно е резултат на нивните „прогресивни“ седум години.
И преку ноќ си ги забораваат гласните ветувања за некаква нова реинституционализација на државата, за прогрес ваков или онаков, за ново општество… итн. Попат заталкаа вон културните простори и во некое ќоше ја загубија доблеста. Ако воопшто и ја имаа!
Не ја заборавам ни „другата страна“, се разбира, но можеме ли, на пример, да ги „мериме“ последиците на едно „Скопје 2014“ со „Преспанскиот договор“ и Договорот со Бугарија? Глупава споредба? Па, не сум баш сигурен. Сиот оној кич ќе остави долгорочни последици, но оние малоумни договори се – вечни! А оние кои се обидуваат барем нешто да сменат во таа „вечност“ слепцине ги прогласуваат за националисти, ОКГ, за антиевропејци итн. И отворија брутална војна со секој кој се обидува на јавноста да ѝ укаже на сите заблуди и ќорсокаци што (ќе) нѐ очекуваат (да не говорам за страотните идентитетски последици!). И за загубената доблест.
А во целиот тој контекст, една самопрогласена елита културпрофитери инсталираа токсична култура и уште потоксично општество, „санитаризирана“ историја и модифицирана традиција која што, наводно, требаше да нѐ вброи меѓу „цивилизираните“ Европјани. Жестоко ги подржуваа (не)културните војни против државата и победата на таа токсична култура обидувајќи се да ја бришат целата позитивна интелектуална историја на македонскиот народ, супституирајќи довчерашни национални великани со актуелни шарлатани.
Затоа, впрочем, ние одамна не говориме за македонските државни, општествени и културни политики пред 1991 година, за обидите на Црвенковски и Милосавлевски, на пример, за демократизација на системот, па во даден контекст и за Колишевски, Малинска, Дуганова и Апостолски, ако баш сакате, но и за Петре М. Андреевски, Анте Поповски и Гане Тодоровски, за Мазев и Грабул, за Милчин и Џундева и многу, многу други. Но, останува нејасно, а можеби некој од шутрациве има „објаснување“, во што беа за македонското општество, држава и култура позначајни Бајден и Макрон, Мерц и фон дер Лајен, а не спомнатите? Или зошто македонските културни институции, плаќани од државата, со години на ред ни сервираат коекакви шарлатани со нивните мачканици и перверзии, им издаваат енциклопедиски монографии какви што нема ни Пикасо, ни поттураат под нос коекакво ѓубре во форма на култура и (не)подвижни слики во замена за филм?
Што сака да каже оваа недоблесна токсична македонска култура денес? Дека оние погоре спомнати веќе не се меѓу живите, па сега ќе ни подметнуваат шарлатански пиреј? Или токму политиката, со нејзиниот промискуитетен однос со секакви полуписмени шушумиги сместени во директорски фотелји, ни диктира „нова културна политика“ и бришење на старото?
Зашто, го сакале ние тоа или не, а како што посочил уште одамна „таткото“ на социокултурната теорија Лев Виготски, токму културата против којашто континуирано војуваат македонските власти наназад речиси две децении, е клучниот фактор за развојот на единката и општеството – односно нивните „higher-order functions“ – како и за основните морални вредности и интеракцијата помеѓу луѓето.
Меѓутоа, се чини дека ние, денес, не само што целосно ја игнорираме културата како фактор – па и клучен – за развојот на општеството, туку игнорираме и сѐ што е вон видокругот на македонските провинциски „елити“ односно вон интересот на „стратешките“ партнери. Коишто тоа – не се, дефинитивно и неотповикливо после сѐ што се случуваше во земјава последниве десетина години.
Извор: Теодосиевски уметност