ВО ВРСКА СЕ 16 ГОДИНИ, НО НЕ САКААТ ДА СЕ ЗЕМАТ Џуди Денч и Дејвид Милс имаат одделни куќи и наизменично живеат кај едниот и кај другиот

Познатата актерка и заштитникот на природата не планираат да се венчаат, а Денч вели дека дури и не сака да го нарекува својот сакан „партнер“.

0

Џуди Денч и Дејвид Милс се во врска од 2010 година, но и по 16 години заедно немаат намера да стапат во брак. Нивната љубов, сепак, функционира на малку поинаков начин – имаат две одделни куќи, оддалечени околу шест километри, и наизменично престојуваат кај едниот и кај другиот.

Милс за списанието „Гуд хаускипинг“ открил дека разговарале за брак, но сфатиле дека вака им е подобро.






– Разговаравме за брак, но мислам дека вака ни е многу подобро. Имаме две одделни куќи, оддалечени само шест километри, и наизменично престојуваме во едната и во другата – рекол тој.

Самата Денч, пак, со својот карактеристичен хумор ја отфрлила идејата дека Милс некогаш ќе ја запроси.

– Нема да ме запроси. Не, не, не, не, не. Ајде да се однесуваме во согласност со нашите години! – се пошегувала актерката.

Таа открила и дека воопшто не го сака зборот „партнер“ кога зборува за Милс.

– Партнер е некој со кого танцуваш. Тоа е ужасен збор. Пријател? Не. Дечко? Не. Мојот човек? Можеби тоа би можело да помине – рекла Денч.

Милс е речиси десет години помлад од актерката и има интересна животна приказна. Првично работел како млекар и одгледувал крави од расата Џерси, но во 1994 година го продал своето стадо и се посветил на заштитата на британскиот див свет.

Три години подоцна го основал Британскиот центар за диви животни, посветен на автохтоните британски животински видови. Во 2016 година добил признание за својот придонес во заштитата на дивиот свет. Со Денч се запознал во 2010 година, кога ја поканил да отвори ново живеалиште за верверички во неговиот центар.

За Денч оваа врска дошла девет години по смртта на нејзиниот сопруг, актерот Мајкл Вилијамс, со кого била во брак 30 години. Тие се венчале во 1971 година и ја добиле ќерката Финки Вилијамс. Вилијамс починал од рак на белите дробови во 2001 година.

Во 2020 година, гостувајќи во подкастот на актерот Дејвид Тенант, Денч зборуваше за животот по смртта на сопругот и призна дека никогаш целосно не го преболела.

– Не знам. Всушност, мислам дека никогаш и не сум го преболела. Го запознав Дејвид, кој го води Британскиот центар за диви животни и живее во близина, и прекрасно е затоа што се смееме на истите работи. Сепак, се сомневам дека некогаш ќе го преболам Мајки – рече тогаш актерката.

Денч денес повторно е во центарот на вниманието поради новата епизода на нејзината емисија „Чај со Џуди Денч“, во која овојпат го угостува Сер Ијан Мекелен. Епизодата се емитува на „Скај Артс“, а двајцата актери разговараат за животот и нивните долгогодишни кариери.

Поврзани содржини