ПОЖАРНИКАРИТЕ ВО ПЕКОЛНА НОЌНА БИТКА ЗА ПЕЛИСТЕР Огнот тешко се става под контрола поради ветрот

Пожарот што се движи кон Националниот парк „Пелистер“ и понатаму е најтежок и најкомплексен за гасење во земјава, а во неговото сузбивање се вклучени копнени сили, механизација, ер-трактори и армиски хеликоптер – информира Стојанче Ангелов од ДЗС.

320

Следи уште една пеколна и долга ноќ за сите нас кои остануваме на терен – соопшти во неделата вечерта директорот на НП Пелистер, Иванчо Тошевски.

– Главното дејство на силите во текот на ноќта ќе биде насочено по должина на границата помеѓу Национални шуми и Национален парк Пелистер во правец север – југ на надморска висина помеѓу 1050 – 1150 метри над т.н. битолски пат кој ги поврзува превалец Ѓавато со с.Подмочани. Целта е да се искористат пониските температури во текот на ноќта и конечно да се сузбие најкритичниот фронт од пожарот- вели тој






Во моментов се работи на самиот фронт на огнот од непосредна близина.

– Во еден момент ја имате целосната контрола, но со првата промена на временските услови работите се менуваат во истиот момент. Екипите на НП Пелистер делуваат со поддршка на ДПД Архангел, ППЕ на РЕК Битола и ТППЕ Ресен. Најважно е високото ниво на мотивираност на единиците и покрај тоа што поединци се без спиење од скоро 48 часа- истакна директорот.

Претходно директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов информираше дека пожарот што изби од преспанската страна и се движи кон Националниот парк „Пелистер“ и понатаму е најтежок и најкомплексен за гасење во земјава, а во негово то сузбивање се вклучени копнени сили, механизација, ер-трактори и армиски хеликоптер.

Тој ги негираше извештаите дека при гаснењето има повредени.

– Досега не е повреден ниту еден пожарникар. Не е точна веста којашто се појавила во некои портали дека има двајца повредени пожарникари — ниту повреден пожарникар, ниту пак имаме пожарникар којшто вдишал чад, така што сите пожарникари се добро и продолжуваат во борбата против оваа огнена стихија – посочи Ангелов.

Во меѓувреме, воздухопловниот ВИНГ на Армијата соопшти дека бил ангажиран во гаснењето на шумскиот пожар во месноста Макази, на падините на Националниот парк „Пелистер“, во реонот на Општина Ресен.

Како што информираат од Армијата, хеликоптер Ми-8МТ реализирал тричасовен налет, при што биле исфрлени 14 противпожарни ведра, односно вкупно 28 тони вода врз активните жаришта.
Гаснењето од воздух се одвивало со истовремена поддршка од земја, во координација со екипите кои се ангажирани на терен.

Поврзани содржини