ШАНКЕРКА СКОКАЛА ПРЕКУ ЧЕТВОРИЦА ПРЕГРНАТИ МАЖИ ЗА ДА СЕ СПАСИ Сведоци го извисуваат газда Деко
Судијката Дијана Груевска-Илиевска порача дека одбраната е должна да се погрижи сведоците што ги предложила да бидат присутни на рочиштето. Таа нагласи дека, доколку не се откажале од нив, таа може да нареди нивно доведување со полициска придружба.
Дел од присутните на денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ бурно реагираа на одлуката на одбраната да се откаже од двајца сведоци кои самата претходно ги предложи. „На пазар сме или на судење?“, прашаа гласно дел од родителите на жртвите и други присутни на судењето.
Одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов-Деко објасни дека дел од сведоците не сакаат да се појавуваат во ваква постапка. Од седум предложени сведоци на денешното рочиште се појавија двајца.
Судијката Дијана Груевска-Илиевска порача дека одбраната е должна да се погрижи сведоците што ги предложила да бидат присутни на рочиштето. Таа нагласи дека, доколку не се откажале од нив, таа може да нареди нивно доведување со полициска придружба.
– Вие да не ги повлечевте, јас со полиција ќе ги донесев, имам право за тоа – изјави Груевска-Илиевска.
Судијката направи споредба со постапувањето на Обвинителството, кое ги обезбедувало сведоците при изведувањето на своите докази, посочувајќи дека истата обврска ја има и одбраната.
Одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов-Деко објасни дека дел од лицата предложени за сведоци не сакаат да дојдат и да сведочат во постапката.
На денешното рочиште сведочешеАнастасија Соколова, која работела во дискотеката „Пулс“, а најавено беше и сведочење на Бојан Спасовски, угостител од Гевгелија.
Соколова во „Пулс“ почнала да работи во 2022 година, прво како хостеса, а потоа како шанкерка. Работела за викенди како дополнителна работа и добивала дневница. За организацијата на работата, Соколова посочи дека одговорен бил Деко и дека тој им давал инструкции. На прашањето дали имало друго одговорно лице, одговори дека немало.
Соколова пред судот изјави дека критичната вечер пиротехниката била многу јака и огнот доаѓал од жариштето кај задната врата. Затоа се упатила кон главниот излез. Соколова додаде дека во големиот шанк се задржале помалку од десет минути откако пејачот на групата ДНК Панчо ги повикал присутните да го напуштат објектот. Таа рече дека кога со колешката Марија се обиделе да излезат од шанкот, веќе настанало стампедо и сите се заглавиле во него.
– Имаше настанато стампедо. Сите се заглавивме. Јас изгубив свест зашто бев силно удрена во ѕидот. Се освестив, видов сите бевме заглавени. Четворица мажи беа клекнати на колена и прегрнати. Им реков може ли да станете да одиме кон излезот, но немаше никаква реакција од нив. Јас згазив преку едниот, се фрлив кон излезот – плачејќи зборуваше девојката.
Прашана зошто се упатиле кон влезот, а не излегле од задната врата до шанкот, таа рече дека не видела никој да се упати натаму и дека таму било жариштето на пожарот.
Обвинителот Борче Јанев ја доведе во прашање веродостојноста и вистинитоста на нејзиниот навод даден во истрагата, па ја допраша Соколова во врска со изјавата дека не тргнала кон задната врата зашто таму било жариштето на пожарот. Тој ја потсети дека во истрагата таа рекла: „Не ми е познато дека постои друг излез од дискотеката, излез за евакуација. Знам само дека има главен излез”.
Соколова рече дека таа врата ја видела отворена само за луфтирање и ретко се користела.
Во однос на уредувањето, Соколова рече дека во 2024 година биле отстранети терасите од левата и десната страна над шанкот, по што биле поставени сепариња. Наведе и дека забележала еден или два противпожарни апарати во билетарницата, но не се сеќава дали видела апарати на други места во објектот.
Процесот почна на 19 ноември 2025 година, осум месеци по пожарот што се случи на 16 март 2025 година за време на настапот на групата ДНК. Во трагедијата животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.