ПОЧИНА ТИМ КАРИ, НЕЗАБОРАВНИОТ ПЕНИВАЈЗ И ФРЕНК-Н-ФЕРТЕР Актерот имаше 80 години, а по мозочниот удар продолжи да работи и да се појавува пред публиката

Иако во текот на речиси шестдецениската кариера одигра десетици улоги, Френк-Н-Фертер од „The Rocky Horror Picture Show“ остана неговиот најпрепознатлив лик.

0

Британскиот актер Тим Кари, познат по култната улога на д-р Френк-Н-Фертер во „The Rocky Horror Picture Show“ и како Пенивајз во телевизиската адаптација на „It“, почина на 80-годишна возраст. Кари починал во својот дом во Лос Анџелес на 25 август, а веста ја потврдила неговата долгогодишна менаџерка и пријателка Марша Хурвиц. Причината за смртта не е соопштена.

Кари беше еден од актерите кои успеваа подеднакво впечатливо да играат и на сцена, и во филмови, и на телевизија. Иако во текот на речиси шестдецениската кариера одигра десетици улоги, Френк-Н-Фертер од „The Rocky Horror Picture Show“ остана неговиот најпрепознатлив лик. Улогата прво ја одиграл на сцената во оригиналниот „The Rocky Horror Show“ во 1973 година, а две години подоцна ја повтори во филмската верзија.






 

View this post on Instagram

 

A post shared by Interview Magazine (@interviewmag)

Филмот од 1975 година со текот на времето прерасна во култен феномен. Иако во времето на премиерата не беше голем хит, подоцна почна да се прикажува на полноќни проекции на кои публиката активно учествуваше, со реплики, костими и песни. „Rocky Horror“ повеќе од пет децении остана еден од најпознатите култни филмови, а ликот на Френк-Н-Фертер стана еден од симболите на неговата смела и провокативна естетика.

Кари, сепак, никогаш не бил само „актерот од Rocky Horror“. Една од неговите најпознати улоги беше и Пенивајз, морничавиот кловн од мини-серијата „It“ од 1990 година, базирана на романот на Стивен Кинг. Иако ликот подоцна повторно беше оживеан на големото платно, токму интерпретацијата на Кари остана запаметена како една од најстрашните телевизиски изведби на ликот.

Публиката го памети и по филмовите „Clue“, „Annie“, „Legend“, „Home Alone 2: Lost in New York“, „The Hunt for Red October“, „Muppet Treasure Island“ и „The Three Musketeers“. Посебно успешен беше и како гласовен актер. За гласовната улога на Капетан Хук во анимираната серија „Peter Pan & the Pirates“ освои дневна награда „Еми“.

На сцената Кари беше трипати номиниран за наградата „Тони“, за улогите во „Amadeus“, „My Favorite Year“ и „Spamalot“. Неговата кариера започнала во лондонскиот Вест Енд во доцните 1960-ти, а една од првите значајни улоги ја добил во мјузиклот „Hair“. Таму се запознал и со Ричард О’Брајан, авторот на „The Rocky Horror Show“, кој подоцна го избрал за Френк-Н-Фертер.

Во 2012 година Кари доживеал тежок мозочен удар. Последиците биле сериозни – останал со делумна парализа и проблеми со движењето и користел инвалидска количка. Сепак, не ја прекинал кариерата. Продолжил да работи, особено како гласовен актер, а повремено се појавувал и во јавност.

Во 2016 година повторно се врати во светот на „Rocky Horror“, но овојпат во телевизиската верзија „The Rocky Horror Picture Show: Let’s Do the Time Warp Again“, во која ја имаше улогата на криминологот кој ја раскажува приказната. Во 2020 година повторно го одигра Френк-Н-Фертер на виртуелно читање на сценариото, а средствата од настанот беа наменети за хуманитарни цели.

Неговото последно појавување пред публика беше во ноември 2025 година, на специјалната проекција по повод 50-годишнината на „The Rocky Horror Picture Show“. Иако веќе користеше инвалидска количка, Кари се појави пред публиката и зборуваше за филмот и неговата порака за различност и прифаќање.

Кари продолжи да работи и во последните години од животот. Неговиот последен филмски настап беше во хорор-филмот „Stream“ од 2024 година, а во 2025 година ја објави и мемоарската книга „Vagabond“, во која се осврна на својата долга кариера и на животот по мозочниот удар.

По веста за неговата смрт се огласија и неговите колеги од „Rocky Horror“. Ричард О’Брајан, кој го напиша делото и го играше Риф Раф, го опиша Кари како извонреден изведувач, додека Бери Боствик и Патриша Квин се простија од актерот со кој го играа во филмот што им ги одбележа кариерите. Колегите особено ја истакнаа неговата дарежливост, добрина и уникатност.

Кари никогаш не се ожени и нема деца. Зад себе остави кариера долга речиси 60 години, со улоги во филмови, серии, мјузикли и анимирани продукции, но и еден лик кој засекогаш остана поврзан со неговото име – д-р Френк-Н-Фертер.

Поврзани содржини