Иловица-Штука може да покаже дека Македонија може да има и развој и заштитена животна средина
Ако можеме да обезбедиме највисоки еколошки стандарди, транспарентна институционална контрола и реален економски бенефит, тогаш нема причина Македонија однапред да се откажува од ресурсите што ги има.
Во Македонија предолго се обидуваме да ја поставиме дебатата за рударството како избор меѓу две спротивставени страни – или економски развој и инвестиции, или заштита на животната средина. Но, дали навистина мора да избереме само едното?
Современите европски практики, а и научната фела говорат дека одговорот е – не.
Можеме да имаме и рударство и екологија. Можеме да имаме инвестиции и високи стандарди за заштита на животната средина. А можеме да имаме и економски бенефит за граѓаните, локалните заедници и државата.
Токму затоа дебатата за проектот „Иловица-Штука“ треба да излезе од рамката на стравот и политичките поделби и да се врати таму каде што треба да биде – кај фактите, стручноста, технологијата и институционалната контрола.
Македонија има долга рударска традиција. Но, во последните децении немаме реализирано голема нова инвестиција во металичен рудник. Во исто време, светот повторно ги открива минералните ресурси како стратешки фактор за економскиот развој, енергетиката, дигитализацијата и индустријата.
Имајќи ги сите овие случувања на светската цена предвид она што како држава треба да го разговараме не е дали треба да отвораме нови рудници туку како тие да функционираат безбедно за животната околина и притоа да извлечеме придобивки и за граѓаните и за државата.
Кога се зборува за рударството, сосема оправдано е прво да се постави прашањето за животната средина.
Како ќе се заштити водата? Како ќе се управува со отпадот? Како ќе се контролира влијанието врз почвата и воздухот? Како ќе се обезбеди рекултивација по завршувањето на експлоатацијата?
Но, одговорот на овие прашања не мора да биде автоматско отфрлање на секој рударски проект.
Одговорот треба да биде строги стандарди, современа технологија, независни проценки, континуиран мониторинг и силни институции.
И токму тука треба да се промени начинот на кој разговараме за рударството.
Рудникот на 21 век не може да се споредува со рударството од пред неколку децении. Технологиите се развиваат, стандардите се зголемуваат, а контролата врз влијанието врз животната средина станува составен дел од секој сериозен рударски проект.
Затоа заштитата на животната средина не треба да се поставува како пречка за инвестициите. Таа треба да биде услов под кој инвестициите ќе се реализираат.
Економскиот аспект на рударството исто така не смее да биде занемарен.
Проектот „Иловица-Штука“ е инвестиција која, според досегашните проекции, би подразбирала значителен капитал, производство на бакар во долг временски период и отворање нови работни места.
Но, придобивката не завршува со директните вработувања.
Рударството создава цел синџир на економска активност – транспорт, услуги, одржување, градежништво, земјоделство, угостителство, прехранбена индустрија и низа други локални бизниси.
Тоа значи дека една рударска инвестиција може да создаде економски ефект и за компании кои никогаш нема да бидат директно дел од рударскиот процес.
За државата, пак, придобивките доаѓаат преку даноци, концесиски надоместоци, вработувања, извоз и дополнителна економска активност.
За општините, тоа може да значи поголеми буџети и можност за инвестирање во инфраструктура, образование, здравство и други јавни потреби.
Затоа, кога зборуваме за потенцијалните придобивки од Иловица-Штука, не треба да зборуваме само за една компанија и еден инвеститор.
Треба да зборуваме за локалната економија, за работните места, за домашните компании, за буџетите на општините и за државниот буџет.
Секако, економската корист сама по себе не е доволна.
Ниту една инвестиција не треба да биде над законите и еколошките стандарди. Напротив, колку е поголем проектот, толку поголема треба да биде и одговорноста на институциите да обезбедат контрола.
Токму затоа Иловица-Штука треба да биде разгледувана низ сите релевантни студии, елаборати, проценки и процедури.
А ако проектот ги исполнува законските и еколошките стандарди, тогаш одлуката не треба да биде донесена врз основа на политички притисок или однапред создаден страв.
Треба да одлучуваат фактите.
Иловица-Штука не треба да биде тест само за еден инвеститор. Треба да биде тест за тоа дали Македонија има капацитет да развива современо рударство – рударство во кое економскиот интерес не е спротивставен на јавниот интерес, туку е условен од одговорноста кон луѓето и природата.
Ако можеме да обезбедиме највисоки еколошки стандарди, транспарентна институционална контрола и реален економски бенефит, тогаш нема причина Македонија однапред да се откажува од ресурсите што ги има.
Зашто граѓаните не треба да избираат меѓу здравјето и работата. Државата треба да создаде услови да ги имаат и двете.