Кога глупоста би болела…

Tолку ли се прости и неуки да не знаат дека не само политичкиот, туку и политикантскиот говор одамна е до точка и запирка анализиран и „декодиран“, дека – барем кај нас – сензитивните историски и соседски теми се одамна „прочитани“ и протолкувани од јавноста/граѓаните?

69
Не знам, не можам да проценам дали лиферантите на отровните гласови во македонскиот јавен простор се свесни за штетите што ги чинат. Веројатно не се бидејќи тврдоглаво продолжуваат со бесрамните тези и тез(г)ички, со (дури) фашизоидно пропагандистичките слухови, безобразно политикантските озборувања, нецивилизираните гласни подметнувања…, и континуираното слугување на црни агенди! Или токму штетите им се намерата?

Но толку ли се прости и неуки да не знаат дека не само политичкиот, туку и политикантскиот говор одамна е до точка и запирка анализиран и „декодиран“, дека – барем кај нас – сензитивните историски и соседски теми се одамна „прочитани“ и протолкувани од јавноста/граѓаните? Мислат ли навистина дека можат и понатаму да протнуваат секакви петпарачки „сугестии“, „анализи“ и обвинувања за состојбите кај нас, за соседите и нашата „природна инклинација“ кон некои или „хегемонистичките концепти“ на други и нивните намери (повторно) да нè поробат? Нормални ли се бре овие „историски“ папараци кои се кријат зад некакви професорски, новинарски, бившопратенички „титули“ небаре со тоа ја поцицале сета мудрост на светов?

Или сериозно мислат дека и понатаму важи онаа идиотска „стопати повторена лага…“? Секако, на таа мамка ќе се фати некое ситно рипче, но не ли се гледаат себеси смешни „до зла бога“ – ова колку да не го заборавиме „српскиот свет“ бидејќи не знаеме како е на б’лгарски! – со подметнувањето на  нашето споделување „заеднички обичаи, заедничка култура, заедничка храна, заеднички начин на живот“! Заедничка храна, по ѓаволите? Какви шутраци! Па згора и заедничка култура. Со кого, со Бугарија? Со Грција? Која е таа заедничка култура, слепци едни, онаа покрадена од Македонија што сега стои во витрините на софиските музеи? И каков е тој заеднички начин на живот? Имате ли вие поим како се живее(ло) во Бугарија и Грција?

Кога глупоста би болела, овие би врескале од болка!

Но, се разбира, политикантскиот речник не мора да ја одразува реалноста, вели науката. Тој е оружје на будалите за лековерните. Но, не велам дека кај нас нема лековерни. А будали…! Но сепак, зарем сериозно се надеваат дека некој ќе „падне“ на симулацијата дека некаков опасен концепт на „српскиот свет“ претставува директна закана за суверенитетот и територијалниот интегритет на целиот регион, а неговата реторика е опасна, ретроградна и идентична со политиките на рускиот претседател Путин? Па зарем толку малоумен го мислат сопствениот народ? А особено дека  „Српскиот свет не зборува со речникот на светот по 1945 година, туку со речникот пред 45-та.“.

Ама проблемот е што тие никогаш не разбирале што и како зборува(л) српскиот свет – ни пред ни по 1945-та година. Зашто нивните неофашистички идеи наметнуваат омраза кон цел еден народ – во случајов речиси 7 милиони луѓе – за да подметнат љубов таму каде што ја нема, односно има сосема спротивни релации.

Или, ако сакате, кога еден „свет“, па нека е и „српскиот свет“, се оценува според една историски минорна честичка викана Александар Вучиќ (иако дури ни тој не е сериозна паралела со некои нивни локални фаворити, не пак бугарски или грчки – на пример Заев, Ковачевски, Филипче, Борисов, Радев,  разноразни Караманлиси и Мицотакиси… – тоа само сведочи за нивната епохална историска ограниченост и современа глупост. Но глупост – попрво идиотизам – со црно лице. Зашто, тука нема ни трага од посакуван дијалог, размена на мислење, потенцијална воздржаност што би проектирала можност за сериозност. Напротив, тука има само диктат и послушност, наслушнато односно прочитано, но неразбрано подметнување од онаа еу (малите букви се…) која по секоја цена сака по којзнае кој пат да посее смут на Балканот. И да регрутира топовско месо против Русија.

А локалниве шутраци, како впрочем секогаш во историјата, во став „мирно“ чекаат наредби и ги пласираат во јавноста на секој можен начин. Но дури и да се обидете да гледате со полузатворени очи на таа нивна подготвеност да распродаваат сè што за македонскиот граѓанин е свето, сепак страотно звучат онакви профашистички обвинувања на цел еден народ за хегемонистички тенденции, за „речник од пред 1945 година“, дека нашата „независна и суверена држава е пораз за еден хегемонистички концепт“ итн., итн. Па згора на сите други глупости, јавно да сеете отров дека северниот сосед „тврди дека културолошки, историски и територијално“ припаѓаме на друга односно нивна територија!?

Каде, кој, кога… „тврди“? Вакви произволно-малоумни воопштувања, заедно со идентификацијата на цел народ со еден човек или грст националисти се крајно контрапродуктивни, не пак „аналитични“ или мудри. Па и кај нас будали велеа дека следниот конгрес ќе го држат во Солун. И? Требаше ли соседите цела нација да ја прогласат за луда? Но нема толкава психијатриска установа во којашто би можеле да се сместиме ако ги анализираме сите зборови и постапки почнувајќи од оној нереализиран поет премиер-бугарофил па наваму. Или се враќаат тие „источни црнила“, само сега од „левата опција“?

Не сум рекол, и не велам, дека и од северната граница не доаѓале секакви инцидентни „пораки“. Впрочем, такви будали има секаде. Но како пандан да ја нудите Бугарија која ве гази на секој чекор, ве множи со нула, ве ништи историски, културно, јазично, идентитетски…, да потпикнувате во јавноста таква една отворено фашизоидна политика како историски пример за „споделување заеднички обичаи, заедничка култура, заедничка храна, заеднички начин на живот“, треба да се луди! И тоа е најблаг израз што во случајов може да се употреби.

Но, (повторно) во „српскиот свет“ велат: ко је луд, не буди му друг! Или, ако сакате, зарем ние мораме да ги читаме и слушаме таквите налудничави изливи на омраза и обвинувања во јавниот простор, зарем нема Македонија закони против говор и сеење на омраза, но и против објавување на истите во медиумите? Има ли обзир оваа држава кон не малиот број припадници на српскиот етникум (38.939 или 1,78%) во Македонија? Треба ли да се потсетуваме дека во „српскиот свет“ е признаено македонското малцинство и македонскиот јазик? А во Бугарија? Во Грција?

И кој, и зошто, на државно ниво, толерира вакви идиотизми?!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини