СЀ ПОМАЛКУ РАБОТНИЦИ ОД МАКЕДОНИЈА ЗАМИНУВААТ ВО ГЕРМАНИЈА Најмногу се бараат возачи на камиони

Ако досега во Германија се вработувале до 30.000 Балканци, годинава бројката едвај ќе достигне 12.000 работници, проценува Зоран Кочоски од Агенцијата Коузон преку која се реализираат дел од вработувањата на македонските државјани во Германија.

93

Во Германија главно се прифаќаат дипломите и стручните квалификации од Македонија, но за одредени струки за самостојно работење потребно е да се добијат локални лиценци, вели Зоран Кочоски од Агенцијата Коузон преку која се реализираат дел од вработувањата на македонските државјани во Германија.

Според официјалната статистика, германските власти лани прифатиле 86.600 барања за признавање на странски квалификации или 10% повеќе од 2024 година. Нема точен податок колку од овие барања биле на македонски државјани.






Кочоски вели дека иако Германија генерално ги прифаќа македонските стручни квалификации и дипломи, годинава мали се шансите за вработување бидејќи потребата за странски работници таму е драстично намалена поради големиот пад на економската активност последните години.

– Некаде од 2010 година кога во земјава се воведе дуално образование Германија почна да ги признава стручните квалификации на нашите граѓани, но за самостојна работа како електричар, водоинсталатер или да речеме како лекар, треба да се добие локална лиценца со потврдување на знаењето – вели Кочоски.

При признавањето на дипломата, додава тој, Германија прави споредба дали образованието во странската држава од која доаѓаат работниците е еквивалентно на германскиот образовен процес.

Но, за да се добие работа во Германија, објаснува тој, не е потребна само диплома или стручна квалификација, работодавачите повеќе инсистираат на работно искуство во струката и умешноста најефикасно да се извршат работните задачи на работното место.

– Дипломата е само да се вработите на некое место. Потоа се врши валидација на договорот меѓу странскиот работник и работодавачот за што е потребна легализација на дипломата која генерално се прифаќа, но ако се потребни посебни лиценци треба и да се добијат од локалните власти. За германските работодавачи покрај оваа процедура најважно, сепак, е искуството на тој што го вработуваат и колку тој е умешен во работата – вели Кочоски.

Германското Министерство за образование го олесни процесот на сертифицирање и преку посебна листа на професии за кои не се бара посебно признавање на дипломите и квалификациите.

Но, и покрај олеснувањата во однос на квалификациите и дипломите, во Германија годинава тешко се доаѓа до вработување, бидејќи се намалува побарувачката за странски работници.

– Германската економија е во рецесија и не се знае колку таа ќе трае. Дневно се затвораат стотици фирми, а работодавачите кои вработуваат прво ги вработуваат тамошните невработени, што е логично, бидејќи и да ги преквалификуваат имаат пониски трошоци и побрзо доаѓаат до работници, отколку да чекаат странски работници за кои сега се чека и до 6 месеци – објаснува Кочоски.

Негова пресметка е дека, ако досега во Германија се вработувале до 30.000 Балканци, годинава бројката едвај ќе достигне 12.000 работници.

– Тоа го чувствуваме и ние како агенција. Нашите партнери во Германија го намалија или откажаа вработувањето на македонски државјани, бидејќи е намалена побарувачката на странски работници од германските компании. Ако изминатите години, на пример, сме испраќале по повеќе од 600 работници, сега бројката се сведува на 200. Тоа говори дека кризата во германската економија е голема – вели Кочоски.

Засега, додава тој, најмногу се бараат возачи на камиони, но и за нив се поставени тешки услови за вработување.

Германија годинава значително ја скрати квотата за работници од Западен Балкан од 50.000 на 25.000 лица, враќајќи го системот на старото ниво од пред две години.

Од 2016 година, балканските држави – Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово и Црна Гора – добија можност за легален влез на нискоквалификувани работници во Германија. Сепак, со најновите измени, можноста за вработување на луѓе од Балканот значително е намалена.

Поврзани содржини