Фејк анализи за омаловажување на позитивните економски показатели – каква е реалната слика?

Не сме задоволни, сакаме повисоки плати и пензии и пониски цени. Но, лага е дека сме на европското дно, полоши од Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и од Бугарија. Една реална анализа на статистичките показатели ја разобличува пропагандата на катастрофичарите.

335

Обидите за потценување и омаловажување на напорите на Македонија за соборување на инфлацијата на 2,3% во јули се темелат на тезата дека ниските цени во Македонија не успеваат да ги компензираат ниските приходи на населението. При тоа, под ниски приходи во тие пропагандни математики се сметаат само платите, а не и пензиите.

Клучниот показател на кој се повикуваат тие фејк анализи со работен наслов „инфлацијата паѓа, ценовниот шок останува“ е БДП по жител коригиран според куповната моќ. Првите процени на Евростат за 2025 година ја ставаат Македонија на 43% од просекот на ЕУ. Србија е на 52%, Црна Гора на 54%, Хрватска на 78%, а БиХ на 36%. Интересно, Албанија веќе е израмнета со Македонија — исто така 43%.






Но, дали коректно се толкуваат овие бројки?

Македонските плати, номинално, навистина се меѓу најниските во Европа кога ќе се претворат во евра, но од тој податок не може да се заклучи колкава е реалната куповна моќ на вработените. За тоа мора да се земе предвид и колку чинат стоките и услугите во секоја земја. Најновите споредливи европски податоци покажуваат дека Македонија има исклучително ниско ценовно ниво, поради што позицијата на вработените значително се подобрува кога платите ќе се коригираат со цените. Тоа особено се гледа кај минималната плата, но слична слика дава и споредбата на просечните бруто-плати.

За да нема споредување баби со жаби – а многу често има, па се споредуваат нето платите во Македонија со бруто платите во други земји! – во оваа анализа се споредуваат исклучиво бруто износите на платите.

Кај минималните плати споредбата е јасна, бидејќи Евростат ги сведува националните системи на споредлива бруто-основа. За цените се користи европскиот индекс на ценовното ниво и паритетот на куповната моќ, добиени со единствена европска методологија. Националните и синдикалните потрошувачки кошнички не се споредуваат, бидејќи нивниот состав и методологијата се разликуваат од земја до земја. Евростат објаснува дека Price Level Index се добива преку споредување на цените на стоки и услуги низ Европа и дека индексот за потрошувачката на домаќинствата не е коригиран за разликите во приходите.

Првиот интересен резултат е поврзан со минималната плата. Во јули 2026 година македонскиот минималец изнесува 624 евра бруто. Во Србија тој е околу 743 евра, во Црна Гора 670, во Бугарија 620, а во Албанија 531 евро. Хрватска е многу повисоко, со 1.050 евра бруто. Гледано само од овие бројки, Македонија навистина е близу до дното. Но, истите плати изгледаат сосема поинаку кога Евростат ќе ги пресмета според паритетот на куповната моќ.

Македонските 624 евра стануваат 1.142 PPS, односно единици на куповна моќ. Српските 743 евра вредат 1.094 PPS, црногорските 670 евра – 1.014 PPS, бугарските 620 – 993 PPS, а албанските 531 – само 705 PPS. Хрватскиот минималец останува убедливо повисок со 1.339 PPS. Тоа значи дека работникот што прима минимална плата во Македонија, иако на сметката добива номинално помала бруто-заработка од работникот во Србија или во Црна Гора, со неа може да купи поголем споредлив обем стоки и услуги.

Причината се цените. Од односот меѓу евровредноста на минималецот и неговата PPS-вредност се гледа дека македонското ценовно ниво е приближно 55% од просекот на ЕУ. Кај Бугарија е околу 62-63%, Црна Гора околу 66%, Србија околу 68%, Албанија околу 75%, а Хрватска околу 78%. За Бугарија директните податоци на Евростат за 2025 година покажуваат ценовно ниво од 63% од европскиот просек.

Сликата станува уште поинтересна кога ќе се погледнат просечните бруто-плати. Последните расположливи национални статистики не се за ист месец во секоја држава, па тука е потребна мала резерва, но станува збор за периодот пролет-лето 2026 и споредбата може да се смета за релевантна.

Во Македонија просечната бруто-плата е околу 1.210 евра, додека во Србија во мај изнесувала 163.470 динари, приближно 1.390 евра. Во Црна Гора просечната бруто-плата во јуни 2026 година изнесувала 1.237 евра. Во Албанија во првиот квартал просечната месечна бруто-плата била 90.119 леки, односно приближно 970 евра според курсот во тој период. Бугарија е над Македонија со просечна бруто-плата од околу 1.400 евра, додека Хрватска е веќе далеку напред: просечната бруто-плата во мај таму изнесувала 2.178 евра. Во Босна и Херцеговина просечната бруто-плата во април била 2.618 конвертибилни марки, односно околу 1.339 евра.

Кога просечните бруто-плати ќе се стават во корелација со ценовното ниво, регионалниот поредок битно се менува. Македонската плата од околу 1.210 евра при ценовно ниво од приближно 55% има куповна сила од околу 2.200 PPS. Српската плата од околу 1.390 евра при ценовно ниво од околу 68% дава приближно 2.050 PPS, а црногорската од 1.237 евра при цени од околу 66% – околу 1.870 PPS. Напоменувам декамовие последни бројки се аналитичка пресметка врз основа на официјалните податоци за платите и PPS/ценовното ниво, а не посебно објавен показател на Евростат.

Бугарија останува нешто пред Македонија и по оваа корекција. Со просечна бруто-плата од околу 1.400 евра и ценовно ниво од 63% од европскиот просек, куповната сила на просечната бруто-заработка е околу 2.200-2.300 PPS. Разликата со Македонија, сепак, станува многу помала отколку кога се споредуваат само номиналните плати во евра. Албанија е зад Македонија и според номиналната плата и според нејзината куповна сила, бидејќи нејзиното ценовно ниво е повисоко од македонското. Босна и Херцеговина има нешто повисока номинална просечна бруто-плата од Македонија, но и повисоки цени, поради што разликата во реалната куповна сила е помала од разликата што ја покажуваат самите плати.

Хрватска е пример каде корекцијата со цените не може да ја поништи големата разлика во заработувачката. Нејзината просечна бруто-плата од 2.178 евра е околу 80% повисока од македонската. Хрватските цени се исто така значително повисоки, па дел од таа предност исчезнува, но останува доволно голема за хрватскиот просечен работник да располага со чувствително поголема куповна сила.

А каква е ситуацијата со пензиите?

Во Македонија просечната пензија во јуни 2026 година била околу 28.000 денари, односно 455 евра. Просечната старосна пензија е повисока – 29.663 денари. Официјалните податоци покажуваат дека во земјата има 350.671 корисник на пензија.

Номинално, Македонија не изгледа особено добро. Црна Гора, на пример, веќе во мај имала просечна пензија од 561,41 евро. Во Бугарија, по јулското зголемување од 7,8%, просечната пензија за 2026 година е 543 евра. Во Хрватска просекот е уште повисок: официјалната статистика за крајот на 2025 покажува 637,56 евра за пензиите според општиот закон без меѓународните договори, а просечната старосна пензија била 680,39 евра.

Но, цените повторно суштински ја менуваат сликата. Ако просечните пензии ги коригираме со ценовните нивоа за кои веќе стана збор, Македонија е неколку места повисоко во регионалниот поредок. Грубата пресметка ја става македонската просечна пензија од околу 455 евра на куповна сила од приближно 830 PPS. Бугарските 543 евра даваат околу 870 PPS, а црногорските 561 евро, поради повисоките цени, приближно 850 PPS. Разликите меѓу овие три земји се речиси незначителни. Хрватска е значително подобра, додека споредбата со Босна и Херцеговина е ризична, поради комплицираниот пензиски систем во таа земја.

Кога сè ќе се собере одземе, сосема е јасно дека разбирањето на статистиката според формулата „јас јадам месо, ти јадеш зелка, во просек јадеме сарма“ се шири или поради незнаење, или поверојатно со цел да омаловажат поволните показатели кои бележат неспорен раст на македонската економија.

Би прифатил критика дека мојата анализа има скриени методолошки слабости, дека е нецелосна и можеби недоволно прецизна. Но, тврдам дека таа е многу пореална од фејк-анализите со кои во некои медиуми се брани пропагандистичката теза дека македонските граѓаните немаат баш никаква полза од позитивните економски движења и дека кај нас и понатаму се живее полошо одошто во Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и во Бугарија.

Тоа, едноставно, не е точно!

Да, не сме среќни со нашата живеачка, сакаме повисоки плати и пензии и пониски цени, сакаме подобар животен стандард. Но, можеби е дојдено времето и секој од нас самиот да се потруди да ги оствари своите цели. Наместо сите да кукаме и постојано да бараме и статистичка потврда дека Македонија никако не ја бива.

Поврзани содржини