📽️ КАРОЛИНА ГОЧЕВА ИСПРАТИ ХУМАНА ВИДЕОПОРАКА „Еден донатор може да спаси до 8 човечки животи“
Македонската поп-пејачка Каролина Гочева се вклучи во подигнувањето на свеста за органодарителството и потсети дека еден донатор може да спаси до осум животи.
Македонската поп-пејачка Каролина Гочева се вклучи во подигнувањето на свеста за значењето на органодарителството, испраќајќи силна порака за луѓето кои чекаат трансплантација и нова шанса за живот.
Гочева сними видео во кое посочи дека, според статистиката што ја сподели, на секои девет минути ново име се запишува на листата на чекање за орган, а повеќе од 100.000 луѓе во секој момент се надеваат дека навреме ќе добијат трансплантација.
Пејачката нагласи дека еден донатор може да спаси до осум човечки животи и порача дека токму овој факт треба да ги охрабри луѓето да размислуваат за органодарителството.
– Донирањето на орган е пред сè еден несебичен чин, а одлуката да спасите нечиј живот едноставно ве прави бесмртни – порача Гочева.
Таа во видеото зборуваше и за симболиката на органодарителството – можноста дел од еден живот да продолжи преку друг човек.
– Со изборот да донирате, вашата приказна не завршува со вас, туку продолжува да живее низ некој друг. А кога веќе ќе нè нема, не можеме со нас да ги понесеме отчукувањата на срцето, но можеме да ги оставиме да донесат радост и љубов во нечиј друг живот – истакна пејачката.
На крајот, Каролина упати директен повик за подигнување на свеста за дарувањето органи и за луѓето и семејствата кои ја чекаат својата шанса.
– Затоа, биди причината што нечие срце продолжува да чука. Биди чудото за кое толку многу семејства сонуваат. Биди херој, спаси живот! – порача Гочева.