ПУТИН СЕ ЗАКАНИ СО ЗАПЛЕНУВАЊЕ ЕВРОПСКИ БРОДОВИ Рускиот претседател најави одговор со иста мерка

Рускиот претседател ја даде заканата од крстарицата „Варјаг“ за време на поморските вежби на рускиот Далечен Исток, додека Москва остро реагира на европските санкции.

128

Рускиот претседател Владимир Путин денеска се закани дека Русија би можела да започне со запленување европски бродови како одговор на плановите за продажба на товарот од пресретнати руски бродови кои се поврзуваат со таканаречената „флота во сенка“.

Според Еуроњуз, заканата на Путин доаѓа по пресретнувањето на неколку бродови кои превезувале руска нафта, со што, според европските власти, ги прекршувале санкциите воведени против клучните извори на приходи на Москва.






Со новите мерки, усвоени минатиот месец, на земјите членки на Европската Унија им е дозволено да ја продадат нафтата или друг товар запленет од тие бродови.

Москва остро реагираше на ваквите потези, а Путин ги нарече „пиратство и бандитизам“.

– Ќе бидеме принудени да одговориме со иста мерка – изјавил Путин додека ги надгледувал поморските вежби на рускиот Далечен Исток.

Тој додал дека Москва ќе дејствува „каде и да смета дека е потребно и соодветно – каде било“.

Путин изјавата ја дал на руската крстарица „Варјаг“, во близина на островот Сахалин, каде што руската морнарица изведува воени вежби.

Судски документи од Шведска покажуваат дека Стокхолм ќе му предаде на Киев запленет руски брод за кој постои сомневање дека превезувал жито од окупираните делови на Украина.

Руските поморски вежби се одржуваат една недела пред заедничките воени вежби на САД и Јужна Кореја, кои вклучуваат симулација на можен напад од Северна Кореја.

Во меѓувреме, тензиите во регионот се зголемија, а Киев и Сеул ги обвинуваат Пјонгјанг и Москва за продлабочување на воената соработка.

Поврзани содржини