ОСУДА ЗА ЗАКАНИТЕ КОН ЕРОЛ РИЗАОВ Здруженијата ЗНМ и АВМУ бараат реакција од институциите

Според АВМУ, создавањето атмосфера во која заканите кон новинарите стануваат дел од јавниот простор може да има сериозни последици врз слободата на медиумите и слободата на изразување. ЗНМ очекува надлежните институции да ги утврдат идентитетите на лицата кои стојат зад профилите од кои се испраќани заканите кон новинарот. Реагираа и Партијата за Движење на Турците, ЛДП и СДСМ.

146

Здружението на новинари (ЗНМ) и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) остро ги осудија заканите, повиците за насилство и навредите упатени кон новинарот и колумнист Ерол Ризаов. Од институциите се бара итна истрага и санкционирање на одговорните, додека реакции пристигнаа и од повеќе политички партии.

АВМУ предупреди дека новинарите мора да можат слободно и непречено да ја вршат својата работа, без закани, заплашување и притисоци. Од Агенцијата укажуваат на сериозноста на коментарите објавени на официјалната Фејсбук-страница на новинарот и колумнист Ерол Ризаов, во кои има закани, повици за физичко насилство и навреди по етничка основа.






Според АВМУ, создавањето атмосфера во која заканите кон новинарите стануваат дел од јавниот простор може да има сериозни последици врз слободата на медиумите и слободата на изразување.

„Заканите за физичко насилство, повиците за нанесување повреди или одземање живот, како и ширењето омраза и навреди врз етничка основа, не се дел од легитимната јавна дебата и не смеат да се релативизираат или нормализираат“, порачуваат од АВМУ.

ЗНМ очекува надлежните институции да ги утврдат идентитетите на лицата кои стојат зад профилите од кои се испраќани заканите кон новинарот. Здуржението информира дека до Министерството за внатрешни работи е испратена ургенција со барање случајот детално да биде проверен, а електронските докази да бидат обезбедени и зачувани.

Здружението очекува надлежните институции да ги утврдат идентитетите на лицата кои стојат зад профилите од кои се испраќани заканите и да проценат дали постојат елементи на кривични дела поврзани со закани, поттикнување насилство и говор на омраза. Од ЗНМ нагласуваат дека заканите кон новинарите претставуваат сериозен удар врз слободата на изразување и не смеат да бидат игнорирани.

И покрај одредени подобрувања во институционалното постапување, онлајн заканите, говорот на омраза и неказнивоста остануваат меѓу најголемите предизвици за медиумската заедница во Северна Македонија.

По реакциите на новинарските здруженија и АВМУ, со осуда на заканите кон Ерол Ризаов се огласија и политички партии.

Партијата за Движење на Турците (ТХП) оцени дека заканите, говорот на омраза и етнички мотивираните навреди претставуваат удар врз слободата на изразување и демократските вредности и побара институциите брзо да ги идентификуваат и санкционираат одговорните.

Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро ги осуди заканите и повиците за насилство, нагласувајќи дека несогласувањето со нечие мислење не смее да биде причина за омраза и физички закани. Од партијата побараа МВР и Јавното обвинителство без одлагање да го истражат случајот.

Со реакција се јави и СДСМ, од каде оценија дека заканите кон новинарот се сериозен напад врз слободата на говорот и безбедноста на новинарите, при што побараа итна реакција од надлежните институции.

Поврзани содржини