ВНИМАНИЕ, АЛБАНИЈА ДРАСТИЧНО ГИ ЗАОСТРУВА КАЗНИТЕ ВО СООБРАЌАЈОТ Во некои случаи трајно се одзема дозволата

Повторниците со повеќе од 0,5 промили алкохол може трајно да останат без возачка дозвола. Построги правила ги погодуваат и младите возачи, брзото возење и користењето мобилен телефон.

165

Албанија драстично ги заостри сообраќајните правила за опасните и за повторените прекршоци.

Најтешката мерка предвидува трајно одземање на возачката дозвола. Се работи за повторниците фатени со повеќе од 0,5 промили алкохол во крвта.






Построги последици следуваат и за возење без дозвола. Возачите ќе бидат казнувани, а ќе им се одложува и правото да добијат дозвола.

Кај малолетниците правилото е уште построго. Правото за добивање дозвола се одложува 2 години откако ќе ја достигнат законската возраст.

Младите добија црвена линија

Ограничувања има и за новите возачи. Тие не смеат да возат побрзо од 90 километри на час на автопат.

Прекршувањето носи казна од 5.000 до 15.000 леки. Предвидени се и одземање бодови и едномесечна суспензија на дозволата.

Новите правила предвидуваат ограничувања и за ноќното возење. Посебниот режим ги опфаќа младите и неискусните возачи.

Одземената дозвола повеќе не може да се „откупи“ со двојна парична казна.

Мобилниот сега чини 3 месеци

Заострени се санкциите и за брзо возење во населени места. Посебно се третираат прекршоците во близина на училишта. Опасните маневри и недозволените натпревари носат казни од 20.000 до 60.000 леки.

Нов удар следува и за возачите кои не го испуштаат мобилниот телефон. За два такви прекршоци во една година возачката дозвола се одзема на 3 месеци.

Забраната се проширува и надвор од автомобилите. Таа важи за велосипедисти, возачи на мотоцикли до 50 кубни сантиметри и на електрични тротинети.

Целта е да се спречат смртоносни несреќи

Генералниот директор на албанската Државна полиција, Скендер Хита, рекол дека казнувањето не е единствената цел.

– Не е во наш фокус само да идентификуваме прекршоци, туку да ја подигнеме свеста кај граѓаните, да ги спречиме овие прекршоци во сообраќајот и да избегнеме смртоносни несреќи. Апелираме до сите возачи да не користат мобилни телефони, да не возат под дејство на алкохол и наркотици, да не ги надминуваат ограничувањата на брзината, бидејќи брзината убива. Почитуваното правило е уште еден спасен живот – изјавил Хита.

Албанската полиција ќе ги засилува контролите на главните и на меѓуградските патишта. За надзор ќе користи и полициски дронови.

Поврзани содржини