ТЕХЕРАН НЕ ПОПУШТА ЗА ОРМУСКИОТ ТЕСНЕЦ Преговорите со Оман се во тек, ама договорот зависи од САД
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс денеска изјави дека Техеран го информирал Вашингтон дека не планира да воведува такса за поминување низ Ормускиот Теснец и дека ќе овозможи проток на нафта и на гас од Персискиот Залив во обем кој постоеше пред војната.
Сегашните околности се најдобра можност за постигнување договор со другата страна и решавање на отворените прашања преку преговори, изјави денеска иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.
Тој додаде дека Техеран нема да ги прифати барањата на другата страна доколку нема напредок во преговорите.
– Верувам дека сега е најдобро време за постигнување договор, бидејќи во земјата има кохезија, сила и единство – рече Пезешкијан.
Тој оцени дека сегашните околности можат да претставуваат можност за продолжување на процесот за постигнување договор и решавање на прашањата преку разговори.
Техеран денеска соопшти дека договорот меѓу Иран и Оман за нов механизам за регулирање на пловидбата низ Ормускиот Теснец нема нужно да доведе до повторно отворање на овој клучен морски пат.
„Пред теснецот да биде отворен повторно, САД мора да ги исполнат барањата на Иран“, изјави портпарол на Корпусот на Исламската револуционерна гарда.
Тој го повика Вашингтон да не се меша во преговорите меѓу Иран и Оман. Двете земји што имаат пристап до Ормус веќе цела недела водат преговори за тоа како да го регулираат преминувањето на бродовите низ неа.
Пред САД и Израел да ги почнат нападите врз Иран на 28 февруари, околу една петтина од светската трговија со нафта минуваше низ Ормускиот Теснец.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, изјави дека Техеран и Мускат се блиску до постигнување договор. Според него, отворањето на Ормус до одреден степен зависи од фактот дека САД ќе компензираат за прекршувањата на рамковниот договор склучен во јуни. Арагчи не кажа повеќе детали за конкретните барања на Техеран.
Министерот додаде дека механизмот што се дискутира со Оман предвидува создавање нова привремена рута за минување низ теснината.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс денеска изјави дека Техеран го информирал Вашингтон дека не планира да воведува такса за поминување низ Ормускиот Теснец и дека ќе овозможи проток на нафта и на гас од Персискиот Залив во обем кој постоеше пред војната. Тој нагласи дека САД ќе го проценуваат Иран според постапките, а не според ветувањата.
– Нашето очекување е дека ќе видиме иста количина нафта и гас што излегува од Заливот како пред почетокот на конфликтот. Тоа е она што Иранците ни кажаа дека ќе го направат – рече Венс во интервју за Фокс њуз.
Тој наведе дека Иран и земјите од Заливот, особено Оман, разговараат за начини за обезбедување безбеден премин низ теснецот, вклучително и отстранување на мините, како и обврска на Техеран да не отвора оган врз комерцијалните бродови.
Американски функционер вчера објави дека има напредок во разговорите меѓу Иран и Оман, што наскоро би можело да овозможи повторно отворање на Ормус. Тој додаде дека откако ќе биде објавен договор што ќе овозможи непречено продолжување на комерцијалниот поморски сообраќај, САД ќе ја укинат блокадата на иранските пристаништа.
Во последните недели, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп постојано сигнализира дека договорот за отворање на теснецот е блиску, но Иран секој пат негираше со објаснувањето дека преговорите со Оман се во тек. Сè уште не е јасно дали најновите интензивни дипломатски напори ќе резултираат со трајна спогодба.
Во меѓувреме, Британската организација за поморска трговија соопштти дека е погоден брод од непознат проектил на 18 наутички милји источно од брегот на Оман, а на бродот избувнал пожар, кој бил изгаснат. Не беше наведено за каков брод станува збор ниту неговото име.