ДРЖАВАТА КОНЕЧНО СЕ УПРАВУВА ДОМАЌИНСКИ, ТАЛОГОТ ОД СДСМ Е НЕСРЕЌЕН ПОРАДИ ТОА Инфлацијата се забавува, долгот се намалува, а БДП расте

Политиките на Владата даваат резултати, Македонија се движи во насока на финансиска стабилизација, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

129

За само две години, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажува дека со одговорно и чесно управување може да се постигнат конкретни економски резултати, соопшти партијата.

„Наследивме економски пустош, осиромашени граѓани, ослабени и нефункционални институции и огромни обврски. Денес, со внимателно управување со јавните финансии, не само што се намалува јавниот долг, туку се намалува и државниот долг. Државниот долг сега изнесува 51,7% од БДП, што претставува намалување од 41 милион евра. Ова е јасен показател дека политиките на Владата даваат резултати и дека Македонија се движи во насока на финансиска стабилизација“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.






Позитивните трендови се потврдуваат и преку економскиот раст, се додава во соопштението.

„БДП веќе седум квартали по ред бележи раст од над 3% проценти, што укажува на стабилна економска активност и зголемена доверба во економските политики. За ВМРО-ДПМНЕ економијата не е статистика на хартија, туку подобар животен стандард, стабилни јавни финансии, повеќе инвестиции и сигурна иднина за граѓаните. Додека претходната власт оставаше долгови, корупција и економски хаос, денес Владата работи на стабилизирање на државните финансии и создавање услови за економски раст. Резултатите се мерливи. Долгот се намалува, финансиската стабилност се зајакнува, а државата конечно се управува домаќински“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Талогот од СДСМ е несреќен поради успесите на државата, додаде партијата.

„Податоците од Државниот завод за статистика укажуваат на забавување на инфлацијата. Инфлацијата во јули изнесува 2,3 проценти на годишно ниво што покажува тренд на намалување. Во јули стапката на инфлација во Македонија е под просекот на еврозоната каде изнесува 2,9 проценти. Колку за споредба во април 2026 година инфлацијата на годишно ниво изнесуваше 5,7 проценти, во мај 4,8 отсто и во јуни 3,4 проценти“, посочи ВМРО-ДПМНЕ.

Особено е значајно што и во текот на јули продолжува трендот на намалување на цените на храната и безалкохолните пијалаци, кои се пониски за 1,1 процент во однос на претходниот месец, додава партијата.

„Ова е од големо значење бидејќи храната има најголемо влијание врз семејниот буџет и животниот стандард на граѓаните. Овие податоци од надлежната институција, Државниот завод за статистика, се потврда на политиките кои ги креира Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Бројките несомнено се позитивен сигнал за движењата во економијата. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ги следи економските движења  и да креира мерки во интерес на граѓаните и нивниот животен стандард“, се вели во соопштението.

 

Поврзани содржини