КРАЈ ЗА 20 СЕРВЕРСКИ ЛОКАЦИИ, ДРЖАВАТА СЕ ДИГИТАЛИЗИРА Новиот дата-центар ќе ги обедини институциите и ќе ги намали трошоците

Новата државна ИТ инфраструктура треба да биде основа за дигитални услуги, државен облак, дигитален идентитет и примена на вештачка интелигенција, најави министерот за дигитална трансформација.

213

Македонија ќе добие современ Национален дата-центар кој треба да ја обедини расцепканата државна ИТ инфраструктура, да ги намали трошоците за одржување и да обезбеди повисоко ниво на заштита на податоците, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Тој во гостување во емисијата „Тема на денот“ на Сител ТВ посочи дека во моментов државните информациски системи и опрема се распоредени на повеќе од 20 различни дата-центри и серверски локации низ државата, што создава дополнителни трошоци за електрична енергија, ладење, непрекинато напојување, одржување и безбедност.






– Не можете да градите дигитална држава, а истовремено да се грижите за десетици серверски простории и опрема распоредени низ целата држава. Тоа е како да управувате со 20 мали ниви расцепкани од Охрид до Куманово и од Скопје до Струмица – на секоја локација ви требаат опрема, луѓе, логистика и безбедност. Националниот дата-центар ќе ни овозможи сето тоа да го консолидираме и да воспоставиме единствени стандарди – изјави Андоновски.

Според него, новата инфраструктура е неопходна за следната фаза од дигитализацијата на државата, која ќе опфати поголем број електронски услуги, автоматска размена на податоци меѓу институциите, развој на државен облак, дигитален идентитет и користење современи технологии.

– Ако сакаме повеќе услуги да бидат достапни целосно онлајн, ако сакаме институциите автоматски да разменуваат податоци и ако сакаме да користиме вештачка интелигенција и современи cloud технологии, мора да имаме инфраструктура што може сигурно да го носи сето тоа. Националниот дата-центар е основата на дигиталната држава за следните две до три децении – рече министерот.

Првата фаза од проектот е проценета на околу 20 милиони евра. Средствата треба да бидат обезбедени преку Планот за раст и Реформската агенда, при што околу 30 проценти од инвестицијата би биле грант-средства, а за останатиот дел се разгледува поволно финансирање со меѓународни партнери.

Андоновски нагласи дека економската оправданост на проектот се гледа преку заштедите што ќе се постигнат со наместо повеќе одделни системи, една централизирана инфраструктура.

– Денес за секоја од овие локации одделно плаќаме електрична енергија, системи за ладење, непрекинато напојување, мрежна и серверска опрема, физичка и сајбер-безбедност и одржување. Со консолидацијата добиваме економија на обем, подобра искористеност на опремата и многу повисок и унифициран стандард на безбедност – посочи министерот.

Тој објасни дека нема да станува збор за огромен комерцијален дата-центар, туку за компактен државен објект со инсталирана моќност под еден мегават, наменет за потребите на јавниот сектор.

– Не градиме комерцијален „hyperscale“ дата-центар од 100 или 150 мегавати. Зборуваме за центар со помалку од еден мегават инсталирана моќност, кој ќе служи за потребите на државата и граѓаните – рече Андоновски.

Проектот веќе е во фаза на физибилити студија, а во следниот период треба да се утврдат конечната локација, техничкото решение, елаборатот за животна средина и моделот за реализација.

Предвидено е користење современи технологии за енергетска ефикасност и системи за ладење без потрошувачка на вода. Техничките параметри на проектот треба да бидат јавно презентирани пред донесувањето на конечните одлуки.

– Целта не е само да изградиме нов објект. Целта е државата да добие сигурна, ефикасна и долгорочно одржлива дигитална инфраструктура врз која ќе функционираат услугите што секојдневно ги користат граѓаните и компаниите – заклучи Андоновски.

Поврзани содржини