РУСИЈА ЌЕ ПЛАЌА ЗА ВОЈНАТА Брисел ѝ испраќа на Украина нови 1,4 милијарди евра
Европската Унија ќе ѝ стави на располагање на Украина дополнителни 1,4 милијарди евра, обезбедени од каматите на замрзнатите средства на руската централна банка, со порака дека Москва мора да ја плати цената за штетата предизвикана од војната.
ЕУ ѝ префрла на Украина уште 1,4 милијарди евра од замрзнатите руски средства. Парите, обезбедени од каматите остварени од имотот на руската централна банка што беше замрзнат по почетокот на руската инвазија, ќе бидат наменети за поддршка на украинската одбрана.
Европската комисија соопшти дека средствата ѝ биле префрлени на Европската Унија на 3 август, а денеска официјално се ставаат на располагање на Украина.
Претседателката на Европската комисија, Ursula von der Leyen истакна дека Русија мора да сноси одговорност за штетата што ја предизвика со војната.
„Русија мора да плати за уништувањето што го предизвика. Ние ги користиме приходите од блокираните руски средства за да го обезбедиме тоа“, изјави Фон дер Лајен.
Таа додаде дека дополнителните 1,4 милијарди евра ќе помогнат Украина да ја продолжи својата одбрана од, како што наведе, нелегалната војна што Русија ја води против неа.
Со оваа исплата Европската Унија продолжува да ги користи приходите од замрзнатите руски средства за финансиска и воена поддршка на Украина, додека главнината од средствата останува блокирана.