„СЕКОЈ ВИКЕНД СЕ НА ЈАХТИ И ДОГОВАРААТ НОВИ ОТСТАПКИ“ Власта со жестоки обвинувања кон политичките противници

Владејачката партија обвини дека дел од политичките противници шират песимизам и дефетизам наместо да понудат идеи, порачувајќи дека нема да дозволи отстапки по националните прашања.

547

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ порача дека нема да дозволи „омразата и песимизмот да станат национална идеологија“, обвинувајќи ја опозицијата дека наместо со идеи и програми, се обидува да создава дефетизам и политичка нестабилност.

Во партиското соопштение се наведува дека секоја генерација има своја историска задача, а денешната, според ВМРО-ДПМНЕ, е да изгради економски силна, праведна и просперитетна Македонија во која младите ќе имаат причина да останат.






„Задачата на новата генерација е да ја зачува Македонија силна, да ја направи економски просперитетна, праведна и повторно да ја направи земја во која луѓето ќе веруваат дека вреди да се остане, да се работи, да се создава и да се гради иднината дома, во својата татковина“, се наведува во соопштението.

Од партијата оценуваат дека покрај надворешните предизвици, државата се соочува и со, како што велат, внатрешни политички структури кои, според нив, се подготвени на нови отстапки за да дојдат на власт.

„Наместо натпревар со идеи, концепти и програми, тие создаваат хистерија, шират лаги, омраза и дефетизам дека оваа држава нема да успее и дека единствениот излез за младите е билет во еден правец“, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во реакцијата се нагласува дека партијата нема да отстапи од, како што наведува, заштитата на националните интереси и идентитетските прашања.

„ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да се откаже од борбата да ја направи Македонија подобро место за живеење. Никогаш нема да биде прифатено однесувањето од минатото и отстапките по националните идентитетски прашања на евроинтегративниот пат, по ниедна цена“, се вели во соопштението.

Партијата ги повикува граѓаните, како што наведува, да не подлегнуваат на политички пораки што шират песимизам и недоверба во институциите.

„ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи омразата и песимизмот да станат национална идеологија, туку заедно со народот ќе остане исправена, обединета и достоинствена“, порачуваат од владејачката партија.

Поврзани содржини