ВМРО-ДПМНЕ СО ОБВИНУВАЊА КОН ОПОЗИЦИЈАТА Проблемот со водата во Гостивар е наследен од СДСМ, ДУИ и Таравари

Владејачката партија тврди дека анализи од 2020 до 2023 година покажувале бактериолошка неисправност на водата во Гостивар и бара одговорност од поранешните носители на власта.

81

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека проблемот со неисправната вода за пиење во Гостивар не е нов, туку, како што наведуваат од партијата, претставува резултат на „децениска негрижа“ на претходните власти предводени од СДСМ, ДУИ и Арбен Таравари.

Во партиското соопштение се посочува дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, не треба да ја користи актуелната состојба за политички напади, туку да одговори зошто, како поранешен министер за здравство, не реагирал кога анализите покажувале дека водата во Гостивар не ги исполнува законските критериуми.






„Наместо денес да се обидува да собира политички поени, Филипче треба да одговори каде беше и зошто молчеше кога во периодот на владеење на СДС имало сериозни индикации дека водата за пиење во Гостивар не ги исполнува законските критериуми“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата тврдат дека документацијата покажува оти уште на 11 ноември 2020 година микробиолошките анализи регистрирале зголемен број колиформни бактерии, при што било констатирано дека водата не треба да се користи за пиење. Според нив, исти констатации биле донесени и на 15 февруари и на 1 март 2021 година, кога повторно било утврдено дека водата не ги исполнува пропишаните критериуми за безбедност.

ВМРО-ДПМНЕ наведува дека проблемите продолжиле и во наредните години. Според партијата, анализите од 11 јули 2022 година, како и од 29 јуни и 4 август 2023 година повторно покажале бактериолошка неисправност на водата.

„Во ниеден од овие случаи не било постапено. Властите на централно и локално ниво знаеле за состојбата, а граѓаните продолжиле да користат неисправна вода“, тврдат од владејачката партија.

Во соопштението се поставува прашањето зошто институциите во тој период не презеле мерки за надминување на проблемот и се оценува дека сегашната состојба е последица на повеќегодишно неодговорно управување.

„Граѓаните на Гостивар не заслужуваат политичко префрлање на вината, туку одговори и одговорност. Здравјето на граѓаните е пред сè и за тоа мора да има одговорност“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани содржини