ТЕРАПИЈА ЗА МУЛТИПЛА СКЛЕРОЗА ЌЕ СЕ ДАВА И ВО БИТОЛА Онколози и педијатар одат во Битола наместо пациентите да доаѓаат во Скопје

237

ЈЗУ Клиничка болница Битола денеска пред премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Сашо Клековски промовира нова медицинска опрема и инвестиции во здравствената установа.

Директорката Ненси Лозанче ги информираше за нововоспоставените соработки со институции од државата.






– Клиничка болница Битола прва во Македонија започна со соработка со Универзитетската клиника за онкологија и радиотерапија. Наместо нашите пациенти со малигни заболувања да патуваат до Скопје за третман, прегледи и контроли, сега еднаш неделно, понекогаш и повеќе пати, доктори од клиниката доаѓаат – истакна директорката Лозанче.

Договор направиле и со доктор од Клиниката за педијатрија за децата со атипичен развој.

– Овие деца досега патуваа во Скопје за еден обичен извештај или преглед или третман, сега веќе е скратена таа нивна голгота. Тука не можам ако не се заблагодарам лично на премиерот Христијан Мицкоски, кој несебично и брзо изреагира кога во Битола немаше рентген апарат. Еден супер модерен дигитален рентген апарат за потребите на цела западна Македонија беше дониран лично од Владата со залагање на премиерот – рече Лозанче.

Во Клиничка болница Битола во овој период реализирани се 82 вработувања, 10 доктори се на приватна специјализација, а има и трансфери од приватни и од јавни здравствени установи во Клиничка болница Битола.

Министерот Клековски кажа дека во Битола зборувале и за регионализацијата и за значењето на Клиничката болница Битола за целиот југозападен и поширок регион.

– Драго ми е што искусни доктори специјалисти дојдоа да работат тука, а сега следи втората група специјалисти. Се надевам дека ќе има соодветен одѕив и интерес за Клиничката болница Битола, за да го направиме тој чекор за доекипирање. Во моментот треба да се децентрализира дел од терапијата за мултипла склероза. Значи во Клиничката болница Битола се дава терапијата што досега се даваше во Скопје. За оваа група пациенти која има посебни потреби, секое патување за Скопје е напор и се надевам дека многу наскоро ќе се случи и тоа надвор од тоа што е направено досега за онкологија – посочи министерот Клековски.

Министерот за здравство Сашо Клековски и директорката на Клинична болница Битола Ненси Лозанче го информираа премиерот за новите инвестиции и потребата од владина поддршка.

Поврзани содржини