ГО УДИРАЛЕ СО РАЦЕ И СО НОЗЕ ДОДЕКА ИМАЛ ЛИСИЦИ Двајца полицајци од Струга под сомнение за прекумерна сила
Двајца полициски службеници од Струга се пријавени за сомнение дека употребиле прекумерна сила врз лице со лисици. МВР најави и дисциплинска постапка.
Двајца полициски службеници од Струга се пријавени за сомнение дека при постапување со лице лишено од слобода употребиле прекумерна физичка сила, иако тоа било со лисици на рацете.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи поднел кривична пријава против Т.М., полициски службеник во Полициската станица Струга, и И.Ш., главен полицаец за вршење увиди на сообраќајни незгоди во Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Струга.
Тие се сомничат за кривично дело „малтретирање во вршење на службата“ според член 143 од Кривичниот законик.
Според пријавата, случајот се случил на 14 мај 2026 година во просториите на Полициската станица Струга, додека било спроведувано лице кое претходно било лишено од слобода.
Иако лицето било со ставени лисици, двајцата полициски службеници, според наводите, употребиле прекумерна физичка сила и физички го нападнале со удари со раце и нозе.
Од МВР информираат дека против двајцата службеници ќе биде поднесен предлог за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност.
Воедно, до завршување на дисциплинската постапка ќе им бидат изречени задолжителни мерки за одземање на службеното оружје и муниција, како и суспензија од работното место.