СКОПЈЕ 2014 Е НАЈПОСЕТУВАНА ТУРИСТИЧКА АТРАКЦИЈА, А ЗА СКОПЈЕ 2028 СДСМ НЕ НАПРАВИ НИШТО Криминалниот ум криминално размислува, ѝ одговори Љутков на Костадиновска-Стојчевска
Вие и Брисел го излажавте како што денес пробувате да ја иманипулилирате јавноста, ние моравме да патуваме неколку пати во Брисел да ја спасуваме титулата Скопје - Европска престолнина на културата 2028, ѝ одговори поранешниот министер за култура Зоран Љутков на пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Криминалниот ум криминално размислува, кога ќе останете без аргументи, најлесно е да измислувате приказни и да ги обвинувате другите, но тоа не ја менува вистината, ѝ одговори поранешниот министер за култура Зоран Љутков на пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
„Госпоѓо Костадиновска-Стојчевска, додека бевте министер, ветувавте проект вреден 150 милиони евра за Скопје 2028. Денес јавноста има право да постави неколку едноставни прашања: Како дојдовте до сумата од 150 милиони евра? На што се темелеше таа финансиска проценка? Од кои извори требаше да се обезбедат средствата? Каде конкретно требаше да бидат инвестирани тие 150 милиони евра? Дали Владата донесе одлука со која ги обезбеди тие средства или стануваше збор за политичко ветување без финансиска подлога? Па вие и Брисел го излажавте како што денес пробувате да ја иманипулилирате јавноста. Моравме да патуваме неколку пати во Брисел да ја спасуваме титулата“, објави Љутков на Фејсбук.
Тоа се прашања на кои јавноста заслужува одговор, додаде тој.
„За време на вашиот мандат не видовме капитални културни проекти што ќе останат како трајна вредност. Наместо конкретни резултати, останаа големи ветувања и многу политички изјави“, потенцира Љутков.
Ако денес зборувате за транспарентност, тогаш одговорете и јавноста и на следниве прашања, додаде.
„Како беа избрани фирмите и невладините во самата апликација и како беа избрани надворешните соработници вклучени во подготовката на апликацијата за Скопје 2028? Кои беа критериумите? Како беше обезбедена транспарентноста на целиот процес? Тоа се легитимни прашања што заслужуваат јасни одговори. Наместо да ја напаѓате сегашната работа, соочете се со сопствениот мандат“, посочи Љутков.
Граѓаните, нагласи, најдобро знаат да ја препознаат разликата меѓу големите ветувања и реалните резултати.
„И уште нешто – колку и да го оспорувате, Скопје 2014 денес е една од најпосетуваните туристички атракции во главниот град. За тоа зборуваат посетителите и туристичкиот интерес, а не политичките квалификации“, порача Зоран Љутков од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеничката Костадиновска-Стојчевска, поранешна министерка за култура во владата на СДСМ и ДУИ денеска побара да се повлече предлог-законот за финансирање на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, кој според неа, е легализација на корупција.