ИРАН НАБАВИЛ КИНЕСКИ СИСТЕМИ ЗА ПРОТИВВОЗДУШНА ОДБРАНА Зделката одела преку Хонг Конг, а изнесува околу 70 милиони евра

Станува збор за ракети земја-воздух со инфрацрвено наведување, кои се лансираат од рамо и се наменети за уништување на нисколетечки авиони, хеликоптери и беспилотни летала.

115

Иран наскоро треба да ја прими првата испорака од голем договор за набавка на кинески рачни противвоздушни ракетни системи, во рамки на кој Техеран треба да добие меѓу 300 и 400 МАНПАДС системи, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на три извори запознаени со договорот.

Според информациите, договорот е вреден меѓу 60 и 70 милиони долари, а набавката вклучува кинески преносливи противвоздушни системи КВ-12 (QW-12) и ФН-16 (FN-16). Станува збор за ракети земја-воздух со инфрацрвено наведување, кои се лансираат од рамо и се наменети за уништување на нисколетечки авиони, хеликоптери и беспилотни летала.






МАНПАДС системите се сметаат за значајно засилување на краткодометната воздушна одбрана бидејќи можат брзо да се префрлаат и распоредуваат на различни локации. Иран би можел да ги користи за заштита на воени бази, енергетски објекти и друга стратешка инфраструктура, особено по серијата воздушни напади во регионот кои ги открија слабостите во неговата противвоздушна одбрана.

Според изворите на „Ројтерс“, договорот бил посредуван преку компанија со седиште во Хонг Конг, а логистиката за испораката сè уште се разгледува. Кина официјално не потврди дека стои зад продажбата, а Пекинг претходно отфрлаше слични тврдења за испорака на оружје за Иран.

Набавката доаѓа во период на зголемени тензии на Блискиот Исток и напори на Техеран да ги обнови и зајакне своите одбранбени капацитети, особено против воздушни напади со авиони и беспилотни летала.

 

Поврзани содржини