ОПШТИНА КАРПОШ ПРИМА БАРАЊА ЗА ОТШТЕТА ОД НЕВРЕМЕТО Кои документи се потребни и колкав е рокот
Граѓаните кои веќе поднеле барање за надомест на материјална штета од невремето, во наредниот период ќе бидат контактирани од страна на општинските служби.
Жителите на Општина Карпош кои претрпеа штети од неодамнешното невреме во Скопје можат да ги пријават штетите во Општината, од каде денеска известија дека е во тек приемот на барања.
Оттаму информираат дека постапката за проценка и надомест на штетата ќе се спроведува во соработка со Владата и со Град Скопје.
Образецот за пријавување на штета може да се подигне во архивата на Општина Карпош, а достапен е за преземање и на официјалната веб-страница.
Како што објаснуваат од Карпош, пополнетиот образец, заедно со потребната документација, се поднесува во архивата на Општината секој работен ден од 7:30 до 15:00 часот, најдоцна во рок од 30 дена од денот на настанувањето на штетата.
Кон барањето треба да се приложат и фотокопија од важечка лична карта или патна исправа, фотокопија од имотен лист, како доказ за сопственост, фотографии од локацијата на кои е видлива настанатата штета, како и записник од Министерството за внатрешни работи за настанатата штета.
Граѓаните кои веќе поднеле барање за надомест на материјална штета од невремето, во наредниот период ќе бидат контактирани од страна на општинските служби, со цел усогласување и дополнување на доставената документација.