ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦА ЌЕ СЕ РЕКОНСТРУИРА ОД ТЕМЕЛ Инвестицијата треба да ги скрати упатувањата во Скопје
Инвестицијата е од непосредно значење за околу 251.500 жители на Полошкиот регион и треба да овозможи повеќе локално достапни услуги, пократко време на чекање и помалку упатувања во Скопје.
Проект за темелна реконструкција, проширување и опремување на тетовската клиничка болница беше презентиран денеска во присуство на министерот за здравство, д-р Сашо Клековски, заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински, градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, и директорот на Клиничка болница Тетово, д-р Ерзен Елези, кои заедно со делегација на Светска банка и претставници на Министерството за здравство, денеска ја посетија Клиничкта болница Тетово.
Проценетата вредност на планираната инвестиција изнесува 4,56 милијарди денари, односно приближно 74 милиони евра, додека конечниот финансиски модел ќе биде утврден по завршувањето на потребните анализи и постапки.
Проектот предвидува реконструкција и модернизација на хируршкиот и интернистичкиот блок, изградба на нов павилјон за повеќе медицински дејности, посебен објект за гинекологија, акушерство и неонатологија, набавка на современа медицинска опрема и ИТ-системи и отстранување на дотраените објекти и целосно уредување на болничкиот комплекс.
– Ова е инвестиција во достоинството и сигурноста на пациентите и во подобри услови за здравствените работници. Нашата цел е граѓаните од Тетово и Полошкиот регион да добиваат современа и навремена здравствена услуга блиску до местото на живеење – истакна министерот Клековски.
Инвестицијата е од непосредно значење за околу 251.500 жители на Полошкиот регион и треба да овозможи повеќе локално достапни услуги, пократко време на чекање и помалку упатувања во Скопје.
Со претставниците на Светска банка биле разгледани следните чекори: подготовка на физибилити студија, техничка документација, анализа на трошоците и придобивките и дефинирање одржлив модел на финансирање.
Министерството за здравство, заедно со Фондот за здравствено осигурување, општина Тетово и раководството на КБ Тетово, ќе обезбеди координирана подготовка, транспарентност и институционална поддршка во сите фази на проектот.