МИЦКОСКИ ВЕЛИ ДЕКА ПРОТОКОЛИТЕ НЕ СЕ ДЕЛ ОД ПРЕГОВАРАЧКАТА РАМКА Тоа е став на Владата од првиот ден до денес
Премиерот Мицкоски вели дека Владата не цени дека протоколите се дел и дека не треба да бидат дел од Преговарачката рамка, но дека Бугарија го тврди спротивното, повикувајќи се на тоа што го договорила со претходната влада.
Протоколите не се дел од Преговарачката рамка, но Бугарија го тврди спротивното, повикувајќи се на тоа што го договорила со претходната влада, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за протоколите за време на посетата на општина Илинден.
– Апсолутно го делиме ставот дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка. За жал, бугарската страна тврди дека тие се дел од рамката и дека потпишала таков договор со претходната влада, во кој, според нивните тврдења, биле дадени различни ветувања. Ние, како Влада, не цениме дека протоколите се дел и не треба да бидат дел од Преговарачката рамка. Тој став го имаме од првиот ден до денес. За жал, ставот на другата страна е сосема поинаков, а тој став е таков, според нас, поради егзибициите и капитулацијата на претходната влада на СДСМ и ДУИ и на тогашниот преговарачки тим, воден од губитникот од Чаир – истакна Мицкоски.
Премиерот вчера во гостување во поткаст истакна дека уставните измени во оваа форма, како што сега се бара, нема да се случат и дека е подготвен да разговара со секого и секаде, додека да се најде решение што ќе биде одржливо и ќе нè однесе до крајната цел.
– А во меѓувреме ќе испорачуваме со реформската агенда, ќе правиме подобро општество, подобри услови за живот – потенцираше Мицкоски.
Тој исто така додаде дека во целиот овој процес работите треба да се гледаат принципиелно, а принципите треба да важат за сите бидејќи со нив нема играње.