САЊА ДОЛЕЖАЛ ЗА ТАГУВАЊЕТО ПО СОПРУГОТ И ИСКУСТВОТО СО МЕНОПАУЗАТА „Ги туркав емоциите под тепих и мислев дека ќе исчезнат“

Популарната пејачка и водителка откри дека перименопаузата целосно ја променила, а најтешкиот период од животот го минувала во исто време кога се справувала и со смртта на сопругот.

2

Хрватската пејачка и водителка Сања Долежал, едно од најпрепознатливите лица на регионалната сцена, отворено зборува за искуството со перименопаузата и постменопаузата во интервју за порталот „Pričaj mi o tome“.

Денес, на 63 години, Долежал вели дека физичките симптоми на перименопаузата речиси исчезнале, но дека сè уште се соочува со таканаречената „мозочна магла“.






– Кога првпат го слушнав тој израз, мислев дека е измислен за да се пишува за нешто ново. Но денес знам дека психички и ментално сум целосно променета во однос на личноста што бев пред перименопаузата – вели таа.

Пејачката признава дека денес е почесто збунета и неодлучна отколку порано.

– Понекогаш буквално не ми се станува од кревет, а понекогаш би поместила слон. Сè на сè, добро сум, но сè уште ја запознавам новата себе – вели Долежал.

Во разговорот открива и дека најголемиот дел од годината го минува во природа, во својата куќа покрај реката Мрежница, далеку од градската врева, во друштво на животни.

Навраќајќи се на периодот на перименопаузата, Сања признава дека била „учебнички пример“ за симптомите што ги носи оваа животна фаза. Првите промени ги почувствувала на 52-годишна возраст, кога започнале жештините и валунзите.

„Пиев чај од жалфија и мислев дека кога ќе поминат нападите на жештина, сè ќе биде во ред. Но потоа дојде зима исполнета со необјаснива тага, чувство на бесмисленост и безнадежност – раскажува таа за „Pričaj mi o tome“.

Во тоа време поминале само три години од смртта на нејзиниот сопруг Ненад Шариќ, музичар и член на групата „Нови фосили“, кого Долежал често го нарекува љубов на својот живот.

Таа долго верувала дека тагата и депресивните чувства се дел од процесот на жалост, без да помисли дека голем дел од нив може да бидат поврзани и со хормоналните промени.

Денес жали што тогаш не побарала стручна помош.

– Не бев на хормонска терапија, но би сакала да побарав помош од психолог или психијатар – признава таа.

Како што објаснува, животот не ѝ дозволувал да застане. Во тој период ги школувала децата и работела, па сите чувства ги потиснувала надевајќи се дека сами ќе поминат.

– Ги туркав емоциите под тепих и мислев дека ќе исчезнат. За жал, не беше така – вели Долежал.

Со текот на времето почнала повеќе да чита за влијанието на хормоните врз психичката состојба и сфатила дека многу од промените што ги доживувала не биле резултат само на животните околности.

Освен за менопаузата, Сања зборува и за односот на општеството кон жените што минуваат низ оваа транзиција.

Според неа, ситуацијата денес е подобра отколку пред неколку децении, но темата сè уште не добива доволно внимание во јавноста.

Таа смета дека жените сè уште се соочуваат со предрасуди и стереотипи.

– И денес слушам глупави коментари од типот: Остави ја, нервозна е затоа што е во менопауза – вели таа.

Долежал нагласува дека разбирањето ќе биде поголемо дури кога ќе се прифати фактот дека многу жени минуваат низ силни и невидливи физички и емоционални промени.

Денес, во постменопаузата, вели дека конечно научила да биде своја најголема поддршка.

– Постои една изрека што совршено го опишува тоа чувство: Јас веќе ништо не морам, доволно се изнамачив во животот. Тоа е навистина ослободувачко – вели таа.

Иако повеќе не работи со ист интензитет како порано, Сања и понатаму е активна, води панели, повремено настапува и се вклучува во проекти што ѝ се интересни.

На крајот од интервјуто за „Pričaj mi o tome“, таа испрати порака до сите жени кои минуваат низ средната и подоцнежната животна доба:

– Бидете нежни кон себе и конечно – бидете си важни самите на себе.

Поврзани содржини