КЛУЧКАТА КАЈ МОМИН ПОТОК ЌЕ БИДЕ ЗАВРШЕНА ДО НОВА ГОДИНА Скопје ќе добие електрични автобуси, камиони, цистерни и метларки

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека Ддо крајот на годината ќе бидат завршени и мостот на реката Серава кој се проширува и мостот на улицата Љубљанска, а премиерот Христијан Мицкоски рече дека Владата ќе продолжи да ги поддржува општините.

788

Градежните работи на клучката кај Момин Поток се 75 проценти реализирани, овој потег ќе биде завршен до Нова година, а по пуштањето во употреба сериозно ќе го намали метежот и ќе овозможи сугурен, безбеден сообраќај, рече денеска градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски кој заедно со премиерот Христијан Мицкоски изврши увид во градежните работи.

– Пред 7 месеци клучката беше во целосна стагнација, процесите беа блокирани и имаше само 10 отсто експропријација, а сега експропријацијата е 100 проценти решена. Сите граѓани се целосно исплатени од страна на Градот. Станува збор за комлексен проект кој има два километра потпорни ѕидови, пешачки и велосипедски патеки – информира Ѓорѓиевски.






Тој додаде дека во Скопје се работи на 5 мостови. До крајот на годината ќе бидат завршени мостот на реката Серава кој се проширува и мостот на улицата Љубљанска. Сериозно се работи и на булеварот Борис Трајковски, а во август ќе почнат работите и на мостот што ги поврзува Гази Баба и Аеродром.

– Владата и премиерот Мицкоски се наша силна поддршка, не само за Скопје и за мене, туку за сите скопјани: Владата обезбеди 60 милиони денари за клучката кај Момин Поток. Ова е едно од ремек делата кои ќе ги завршиме – потенцира Ѓорѓиевски.

Премиерот Мицкоски рече дека Владата ќе продолжи да ги поддржува општините.

– Јас сакам само да упатам честитки на работата на градоначалникот, бидејќи за овие неколку месеци се направија големи чекори во проекти коишто беа до никаде, односно беа заглавени. Со посветена работа, можам да кажам дека за овие неколку месеци откако Орце е градоначалник се гледа огромен напредок – рече Мицкоски.

Градот Скопје, додаде премиерот, до Нова година од Владата треба да добие камиони, цистерни и метларки за подобра хигиена, за што е завршен тендерот.

– До крајот на август ќе можеме да направиме промоција и на таа опрема. Опрема нема да добие само Скопје, туку и неколку други поголеми општини низ државата. Очекувам да заврши постапката и за новите електрични автобуси електрични, што исто така ќе ги добие Градот Скопје, како и други општини низ државата – рече Мицкоски.

Се интензивираат активностите, се работат проектите, се реализира она што е ветено, порача тој.

– За жал, не можеме преку ноќ сето она коешто со децении е уништувано да го поправиме, но се разбира со фокусирана работа, со посветена работа и тие работи што се невозможни стануваат реалност и стануваат возможни. Благодарам на советниците коишто ја поддржуваат работата на градоначалникот, на администрацијата на Град Скопје, на колегите од Владата, на сите коишто се вклучени во реализирањето на овие проекти, тука пред сè мислам на градоначалниците во Скопје. Ние како Влада ќе продолжиме и понатаму да ги поддржуваме општините, а јас сум убеден дека Орце онаков каков што е карактер, уште попосветено, иако и сега е максимално посветен, уште попосветено ќе продолжи да ги реализира проектите коишто наумил да ги реализира, а се приоритет на Скопје – рече премиерот Мицкоски.

Поврзани содржини