ЕУ се празни рурално

Не е само македонски проблем – руралните региони низ цела Европа губат жители, а младите се преселуваат таму каде што има повеќе можности за образование, работа и подобар живот.

80

„Скопје се преполни, го изгуби идентитетот. Изнадојдоа отсекаде, градовите и селата во внатрешноста се испразнија“. Вакви и слични коментари ќе слушнете од многумина кои со некаква чудна и недоволно јасна носталгија го вртат погледот наназад кон времиња кои биле означени со подобар и „поконтролиран“ развој. Слични ставови и расположенија, поттикнати од трендовите на емигрирање во насока село-град, или од масовното иселување во странство, се присутни и во другите држави на Балканот.

Но таквиот развој, како што континуирано се потврдува со демографските показатели и статистичките податоци за движењата на работната сила и воопшто на населението, не се разликуваат многу ниту во рамки на ЕУ. Руралните области во Унијата постојано се празнат, така што јазот кон градовите и големите урбани центри продолжува да расте.






Според податоците објавени деновиве, се очекува населението на ЕУ да се намали во мошне голем број региони до 2050 година, главно во руралните области. Европската комисија предупредува на негативно интензивирачка спирала: намалувањето на населението ги еродира услугите, што поттикнува натамошна миграција. Како решение, Брисел укажува на важноста на политиката на регионален развој за засилување на кохезијата и на потребата од лансирање нова стратегија за опстанок на помалите места во внатрешноста.

Европската комисија неделава го претстави својот трет извештај за демографскиот развој на Унијата. Извештајот очекува вкупното население на ЕУ да се зголемува маргинално уште неколку години, но дека сликата изгледа сосема поинаку на регионално ниво, така што се очекува 72 проценти од регионите на ЕУ да изгубат значителен број жители до 2050 година.

Падот е нерамномерно распределен. Во урбаните региони се прогнозира намалување од 3,6 проценти до 2050 година, додека средно големите региони ќе се намалат за 3,3 проценти. Руралните области, пак, во просек, земено на целото подрачје на ЕУ, ќе се намалат за 7,9 проценти, според извештајот.

Но, сликата на руралното осипување не е доволно изнијансирана кога станува збор за вкупните европски демографски состојби. 83 проценти од сите рурални региони се намалуваат според бројот на жители, но и 57 проценти од урбаните средини. Затоа, како што се забележува во извештајот, намалувањето не е само прашање на ретко населени области.

Регионите во Европа што најмногу демографски се празнат се во Балтикот, источна Германија, источна Полска, Бугарија, Романија, Грција, јужна Италија и во внатрешноста на Иберискиот Полуостров, во Шпанија и Португалија. Од друга страна, растот е концентриран во главните индустриски развиени региони и во метрополите, на шпанскиот и францускиот медитерански брег и на островите, во делови од јужна Германија и Ирска и во големи делови од Шведска.

Причината за таквиот јаз не се првенствено разликите во раѓањето деца. Стапките на наталитет се под нивото потребно за да се одржи стабилно населението во сите земји-членки и затоа не можат да објаснат зошто некои региони растат, а други се намалуваат. Она што го одредува доминантниот тренд е, всушност, како луѓето се движат во рамките на своите земји.

Младите луѓе на возраст од 20 до 24 години се селат во градовите поради подобри можности за образование, кариера и помодерен начин на живот. Подоцна во животот, моделот се менува: некои лица на возраст од 35 до 39-годишна возраст се селат во помали градови и предградија, додека луѓето во четириесеттите години често емигрираат подалеку во селата, веројатно во врска со основање семејство и промена на преференциите за домување.

Нето ефектот е сè уште негативен за многу региони, бидејќи емиграцијата на младите луѓе е поголема од имиграцијата на постарите луѓе. Во 82 региони во 16 земји-членки на ЕУ, извештајот зборува за она што го нарекува стапица на таленти: брзо намалување на населението во работоспособна возраст, во комбинација со низок удел на високообразовани луѓе или голема емиграција на луѓе на возраст од 15 до 39 години. Помалку жители го прават одржувањето на здравствената заштита, училиштата и јавниот превоз по лице поскапо, додека даночната основа се намалува.

Еден од главните заклучоци во однос на демографскиот извештај е дека емиграцијата на младите луѓе од веќе ранливите региони го поткопува нивниот економски капацитет и ризикува да доведе до намалена доверба во институциите на ЕУ.

Во следниот европски повеќегодишен буџет за 2028 – 2034 година, за кој сега се преговара, демографијата практично се наметна како главна цел. Идејата е националните распределби во земјите-членки да може да се насочат таму каде што демографските предизвици се најголеми. Европската комисија работи на т.н. стратегија за правото на останување, која ќе обезбеди јавни услуги, образование, транспорт и дигитална поврзаност во регионите кои моментално се борат со демографско осипување. Во следната повеќегодишна финансиска рамка, за периодот 2028 – 2034 година, исто така се предлага демографијата да стане наведена цел во националните и регионалните планови за партнерство на земјите-членки. Без работоспособно население економијата едноставно не може да се развива. Дупките засега се пополнуваат со мигранти, главно од посиромашните и понеразвиени земји од непосредното соседство на ЕУ.

Во ЕУ моментно живеат околу 450 милиони луѓе. Вкупното население се очекува да достигне врв на нешто повеќе од 453 милиони во 2029 година, а потоа да падне на околу 399 милиони во 2100-та година – што би било намалување од 11,7 отсто во споредба со денес.

Во 2024 година очекуваниот животен век во ЕУ беше 81,5 години, а стапката на фертилитет изнесуваше 1,34 деца по жена. Но нивото потребно за населението да биде стабилно без имиграција е 2,1. Истовремено се очекува процентот на жители на возраст над 65 години да се зголеми од една петтина на една третина до средината на ова столетие.

Уште еден важен податок што фрла дополнителна светлина врз разјаснувањето на демографскиот развоен карактер, е дека речиси 47 милиони жители на ЕУ се родени надвор од Унијата, што одговара на нешто повеќе од 10 проценти од вкупното население. Доселениците од балканските земји, се разбира, имаат значаен удел во тие бројки.

Во некои региони во Бугарија, на пример, се очекува демографски пад меѓу 30 и 40 проценти до 2050-а година. Во Романија, според очекувањата, дел од регионите ќе се намалат за меѓу 20 и 30 проценти од населението, а во повеќе региони на Грција се прогнозира опаѓање на населението за повеќе од 20 отсто. И во Хрватска, посебно во источните региони, се очекува демографски пад од околу 35 отсто.

Во колкава мера ќе продолжат демографски да се празнат македонските региони во наредните децении, веројатно не е тешко да се претпостави имајќи го предвид развојот во соседните земји кои се членки на ЕУ, или оние кои се на пат да станат членки. Показателите никаде во регионот не се проследени со оптимистички прогнози.

Македонија со својот влез во членството на ЕУ во најдобар случај би можела да даде придонес со околу 0,4 отсто во вкупното население на Унијата. Сметајќи го тука, пред сè, милионот жители на „преполнетото“ Скопје, како и уште неколку стотици илјади од опуштените рурални региони. Доколку, се разбира, во меѓувреме се направи поквалитетен попис што пореално ќе покаже кој живее во Македонија, а кој се спакувал и иселил од неа.

Поврзани содржини