ОХРИЃАНИ ЗБУНЕТИ ОТКАКО ДОБИЛЕ СМЕТКИ ЗА МУЗИЧКИ ПРАВА ВО СОБИ ЗА ТУРИСТИ За ланската сезона треба да му платат по 16.500 денари на ЗАМП
Надоместокот се однесува за користење музички дела во сместувачки капацитети преку радио, телевизија, интерна телевизија од затворен тип или друга телевизиска и кабелска мрежа.
Сопственици на приватни апартмани во Охрид се револтирани поради фактурите што ги добиле од Здружението за заштита на авторските музички права (ЗАМП) за плаќање авторски надоместок за туристичката сезона 2025 година. Како што објави порталот Охрид1 голем број граѓани на Охрид во почетокот на јули на своите домашни адреси добиле фактури од ЗАМП со кои од нив како физички лица се побарува да платат износ од 16.650 денари.
Според фактурите што ги објавуваат граѓаните на социјалните мрежи, станува збор за надомест за периодот од 1 април до 30 септември 2025 година, а како основ за задолжувањето е наведено дека лицата биле евидентирани како издавачи на соби и сместувачки капацитети за туристи.
Надоместокот се однесува за користење музички дела во сместувачки капацитети преку радио, телевизија, интерна телевизија од затворен тип или друга телевизиска и кабелска мрежа. Според правилникот со тарифа, предвиден е месечен надоместок од пет бода по реализирано ноќевање, а доколку сопственикот не доставува месечен извештај за бројот на ноќевања, надоместокот се пресметува паушално според капацитетот на објектот. За апартмани до 25 гости тоа изнесува 500 бодови месечно. И ова е најевтината тарифа која се наплаќа околу 16.500 денари.
Информацијата предизвика бурни реакции на социјалните мрежи. Во коментарите изразуваат незадоволство и збунетост, наведувајќи дека не им е јасно врз основа на кои податоци се издадени фактурите, ниту како е утврдено дека имаат обврска да плаќаат ваков надомест и гласно коментираат дека власта треба да направи итни законски измени со кои ќе се спречи ова.
Дел од граѓаните тврдат дека никогаш не биле контактирани од ЗАМП, додека други бараат дополнително објаснување за начинот на кој биле евидентирани и врз која законска основа е пресметан износот.