ФИЛМСКА ПОТЕРА ОД БЛАЦЕ ДО СКОПЈЕ Косовец фатен со дрога и нож, признал дека фрлил два пиштола

По инцидентот на граничниот премин Блаце, полицијата го привела 24-годишниот осомничен во Скопје, а во истрагата биле пронајдени марихуана, нож и нови сознанија за оружје.

189

24-годишен косовски државјанин е уапсен во Скопје откако избегал од царинска контрола на граничниот премин Блаце, оттурнувајќи и влечејќи царински службеник со возилото. При неговото приведување биле пронајдени марихуана и нож, а самиот признал дека за време на бегството фрлил кеса во која имало два пиштола.

Косовскиот државјанин Р.Е. (24) бил лишен од слобода синоќа околу 22 часот од полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје на улицата Јадранска магистрала во Визбегово.






Според информациите од Министерството за внатрешни работи, претходно на граничниот премин Блаце, додека царински службеник вршел контрола на неговото патничко возило „БМВ“ со косовски регистарски таблички, Р.Е. ненадејно го стартувал автомобилот, го оттурнал цариникот и го влечел неколку метри, по што побегнал во правец на Скопје.

Веднаш биле преземени мерки за негово пронаоѓање, а полициските службеници за кратко време го запреле возилото и го привеле осомничениот.

При преглед на теренот била пронајдена кеса со марихуана, додека во возилото полицијата пронашла и џебен нож.

Дополнително, приведениот изјавил дека за време на бегството фрлил уште една кеса во која, според неговите зборови, имало два пиштола.

Р.Е. е задржан во полициска станица, а по целосното расчистување и документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Поврзани содржини