📷 ЗАТВОРЕНИЦИ ГИ ЧИСТАТ ПАТИШТАТА НИЗ МАКЕДОНИЈА Почна акцијата за собирање на ѓубрето покрај магистралите

Осудени лица од девет казнено-поправни установи се ангажирани за собирање отпад и уредување на просторот покрај патиштата, под надзор на затворската полиција.

123

Затвореници од повеќе казнено-поправни установи низ државата од денеска се вклучени во седумдневна работна акција за чистење на просторот покрај магистралните и регионалните патишта.

Акцијата е резултат на соработката меѓу Управата за извршување на санкции и Јавното претпријатие „Македонијапат“, а целта е расчистување на отпадот и уредување на патниот појас.






На околу десетина локации низ земјата, осудени лица започнаа со собирање на отпадот оставен покрај патиштата, кој најчесто е фрлен од несовесни возачи и патници. На дел од локациите, според објавените фотографии, затворениците работеле и на дополнителни активности, како отстранување плевел од рабниците и поткастрување на вегетацијата.

Од Управата за извршување на санкции информираа дека во акцијата се вклучени лица од повеќе казнено-поправни домови и установи, меѓу кои најголемиот затвор „Идризово“, како и затворите во Штип, Прилеп, Куманово, Битола, Скопје, Гевгелија, Струмица и Струга.

„Осудените лица кои се работно ангажирани на магистралните и регионалните патишта се во непосредна близина на казнено-поправните установи каде што ја издржуваат својата казна и истите се под постојан надзор на припадниците на затворската полиција“, соопштија од Управата.

Од институцијата не откриваат дополнителни детали за ангажманот, односно колку затвореници учествуваат во акцијата, колку часа дневно ќе работат, дали за ангажманот добиваат надомест и кој ќе го обезбеди тој надомест.

Седумдневната акција доаѓа во период кога проблемот со отпадот покрај патиштата е честа појава, особено на фреквентните делници, каде несовесното однесување на учесниците во сообраќајот создава дополнителен проблем за одржувањето на патната инфраструктура.

Поврзани содржини