ЗНАМ ГЛАСАШЕ ПРОТИВ ИЗМЕНИТЕ НА ДУП ЗА ВОДНО Се отвора пат за нова бетонизација на белите дробови на градот
Не може да се носат одлуки за Водно без мислење од надлежните институции за ризикот од ерозија и свлечишта – рече Александра Цветановска, советничка во Центар од ЗНАМ.
Во Советот на Општина Центар Движењето ЗНАМ за Наша Македонија вчера гласаше против предложените измени на Деталниот урбанистички план за Водно, со кои се овозможува за уште една бетонизација на градот – изјави Александра Цветановска, советничка во Советот на Општина Центар од редовите на Движењето ЗНАМ.
– Вчера не се одлучуваше само за уште една урбанистичка точка. Се одлучуваше дали ќе се заштити Водно или повторно ќе се отвори патот за нов бетон. Нашиот став беше јасен. Не може да се носат одлуки за Водно без мислење од надлежните институции за ризикот од ерозија и свлечишта. Не може да се игнорира фактот дека предложениот план отстапува од Генералниот урбанистички план – рече советничката Цветановска на прес-конференција на ЗНАМ.
Таа додаде дека на седницата ЗНАМ предупредила дека се доведуваа во опасност иднината на нашите деца. , но за жал, наместо аргументите и јавниот интерес, повторно преовладале интересите што отвораат простор за нова бетонизација.
– Бројките сами зборуваат. Процентот на изграденост се зголемува од 5,8% на 30,17%, односно 5,2 пати. Бруто-изградената површина расте од 6.500 м² на 29.459 м², односно 4,5 пати, а коефициентот на искористеност се зголемува од 0,17 на 0,91, односно 5,35 пати. Ова не е развој каков што заслужуваат Центар и Скопје. Ова е уште еден чекор кон уништување на белите дробови на градот – рече Цветановска.
Таа додаде дека Движењето ЗНАМ за Наша Македонија ќе продолжи гласно да се спротивставува на секоја одлука што го става приватниот интерес пред јавниот интерес и профитот пред природата.